Левица Кисела Вода: Најзагадена, најзапуштена, најзабетонирана – Кисела Вода пред колапс
Локалниот огранок на партијата Левица од Општина Кисела Вода остро реагира на, како што велат, урбанистичкиот хаос и девастацијата на животната средина во нивната општина. Според нив, Кисела Вода никогаш досега не била толку запуштена, забетонирана и запоставена од сопствената локална власт.
Реакцијата доаѓа по објавениот извештај на Државниот завод за ревизија за урбанистичкото планирање и зелената инфраструктура во градовите, каде се посочува дека најголем дел од општините не го исполнуваат минимумот од 25 квадратни метри зелена површина по жител.
Кисела Вода е меѓу најдрастичните примери – со само 3% учество на зеленило во вкупната површина на градот Скопје. Додека минималните стандарди се далечни, граѓаните секојдневно сведочат на засилена бетонизација – секоја поранешна индивидуална куќа се заменува со зграда од седум или осум ката, додека зеленилото исчезнува.
„Нашата општина е претворена во бетонска џунгла без воздух, без простор за деца, без почит за граѓаните“, порачуваат од Левица. Последните фотографии од терен, направени изминативе неколку дена, го потврдуваат тоа: згради надвиснати врз тротоарите, урбани пасажи предвидени за паркинг – без вистински паркинг места, запуштени зелени површини, неодржувани игралишта, ѓубре насекаде и една од највисоките стапки на загаденост на воздухот во земјава.
Сето ова, според Левица, е доказ дека Општина Кисела Вода е на дното по сите параметри на квалитетот на урбано живеење. „Но ако ги следиме објавите од општинската власт, би помислиле дека сме некаде во Скандинавија“, саркастично наведуваат од иницијативата.
Реакцијата кулминира со повик: „Ова е крајно време народот да каже СТОП на општинската власт и администрацијата која го уништува хуманото живеење во Кисела Вода.“
Партијата Левица бара итна промена на урбанистичките политики, отчетност од надлежните и враќање на зелените површини како приоритет, наместо профитот и градежните апетити.