Црвена Младина: Студентите што примаат семејна пензија поради починат родител неправедно останаа без субвенциониран оброк
Младинската организација на партијата Левица, Црвена Младина, остро реагираше на одлуката на надлежните институции да го укинат правото на субвенциониран студентски оброк за студентите кои примаат семејна пензија поради загуба на родител. Од организацијата велат дека оваа одлука е удар врз една од најранливите категории млади луѓе во државата.
„Во време на економска несигурност и постојано зголемување на животните трошоци, државата одлучи да им го одземе правото токму на оние на кои најмногу им е потребно – студентите кои преживуваат со семејна пензија“, се наведува во соопштението.
Црвена Младина појаснува дека семејната пензија не е плата ниту луксуз, туку социјално право стекнато поради трагичен семеен настан. Тие истакнуваат дека овие млади луѓе не треба да се третираат како редовни приматели на приходи, бидејќи во реалноста преживуваат со минимална поддршка која често ја делат со останатите членови на семејството.
Организацијата потсети дека пред еден месец пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, поднел амандман за зголемување на финансискиот праг на 33.000 денари, што би овозможило овие студенти да го задржат правото на субвенциониран оброк. Сепак, амандманот бил одбиен без, како што велат, „никаква аргументирана причина“.
„Единствената пречка беше тоа што иницијативата доаѓаше од Левица“, велат од Црвена Младина и додаваат дека оваа одлука покажува партиска кратковидост и игнорирање на потребите на младите во социјален ризик.
Организацијата апелира до надлежните институции да го преиспитаат овој критериум и повторно да го вратат правото на субвенциониран оброк за студентите кои живеат од семејна пензија.
Целото соопштение на младинската организација во продолжение: