АктуелноЛокално

Промоција на „Археолошка азбука“ и „Археолошка Брајова азбука“

Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во скопската Општина Кисела Вода утре во 12 часот ќе се одржи промоција на литературата за деца и млади „Археолошка азбука“ и „Археолошка Брајова азбука“. Автори на делата се универзитетските професори д-р Антонио Јакимовски и д-р Елизабета Томевска-Илиевска и м-р Маја Јаневска. Делата ќе ги промовираат археологот проф. д-р Марјан Јованов и проф. д-р Ана Фрицханд, психолог. Модератор е м-р Мартина Трајковска.

– На просторот каде што се измешани вековите и настаните, каде што секој предмет има нешто да каже и каде што фантазијата и науката одат заедно, токму тоа место е најинтересно за археолозите, и токму таму тие започнуваат да истражуваат, да копаат, да составуваат, да откриваат. Кога ќе ја состават сложувалката на целата таа приказна од минатото, со голема возбуда му ја покажуваат на светот. И на тој начин му се спротивставуваат на заборавот – пишуваат авторите.

Јакимовски (доктор по археолошки науки), Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки) и Јаневска (магистер по педагошки науки), нагласуваат дека децата и младите имаат ексклузивна можност да ја имаат в раце „Археолошката азбука“, како прва и единствена литература од ваков тип во земјата и во регионот. Таа е наменета за деца и млади преку која на интересен, сликовит и колоритен начин ги откриваат културните богатства на својата татковина, културно се осознаваат и развиваат чувство за национална припадност, со цел да ја побуди нивната љубопитност, како и да ги поттикне повеќе да истражуваат за новите поими.

Културното наследство на нашата татковина за да биде прикажано на стручен, поинтересен, сликовит и колоритен начин се погрижија стручните соработници м-р Кирил Денковски, м-р Мартина Трајковска и Антонио Стојановски. Двете дела се лекторирани од страна на Валентина Бачваровска.

Делото „Археолошка Брајова азбука“ е целосно адаптирано на Брајово писмо и Брајово печатење од м-р Анита Чекановска-Димитриевска, Анета Нолева и Јелена Јурхар, со целосна поддршка од м-р Александра Јаковчевска, директорка на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје.