Загрозена безбедноста на станбена зграда во Штип – оштетените носечки столбови замачкани со малтер
Во станбена зграда на улицата Енгелсова, во штипската населба 8 Ноември, се појави сериозен ризик за стабилноста на објектот, откако беа оштетени три носечки столбови со дупчење за поставување клима уреди. Наместо соодветна интервенција, дупките биле едноставно замачкани со малтер – решение кое експертите го сметаат за козметичко и небезбедно.
На фотографиите објавени од загрижени граѓани, се гледа арматурата на столбовите, изложена на воздух и влага – состојба што води кон корозија и ослабување на статичката стабилност на зградата. Жителите и сведоците на случајот велат дека проблемот бил пријавен уште пред два месеци до Општина Штип и Центарот за управување со кризи, но досега не била преземена никаква сериозна акција.

Неколку дена по објавите во медиумите, неидентификувани лица набрзина ги замачкале дупките, но без никаква техничка проверка или проценка на конструктивната стабилност на објектот.

„Браво, ама ја решивте работава…“ – реагираат иронично граѓаните, укажувајќи дека ова не е трајно решение, туку опасен обид за прикривање на проблемот.
Жителите апелираат до надлежните институции итно да извршат стручен увид, да направат статички преглед на зградата и да утврдат дали е загрозена нејзината носивост, со цел да се спречи евентуална катастрофа.