Левица Земјоделски сектор: 10.000 евра за иднина? – ВМРО ги лаже младите земјоделци со пи-ар трошки
Продолжува пропагандната офанзива на актуелната десничарска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, овој пат под маската на „поддршка за млади земјоделци“. Последниве денови, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски не излегува од медиумите, фалејќи се со новата мерка – еднократен грант од 10.000 евра за млади што сакаат да се занимаваат со земјоделство.
Но, зад цифрата стои сурова реалност: оваа мерка не само што не е нова, туку и претставува понижувачко повторување на старата, веќе ветена и неисполнета поддршка. Имено, истиот износ на грант се доделуваше пред шест години, а во меѓувреме инфлацијата ја нагризе куповната моќ на младите – без никаква компензација од страна на државата.
„Министерот Трипуновски очигледно мисли дека младите немаат меморија“, реагираат од партијата Левица.
Од таму потсетуваат дека токму неговиот сопартиец, Александар Николовски, како носител на листата за пратеници во ИЕ4, јавно ветуваше грантови до 20.000 евра и субвенционирана земјоделска механизација. Денес, од тие ветувања нема ниту трага, ниту глас.
„Што да купи млад земјоделец со 10 илјади евра – трактор, комбајн, сенобалирачка или парче земја?“ – прашуваат од Левица, посочувајќи дека ниту едно од овие основни средства не може да се набави со толкав износ. „Станува збор за длабоко неискрена и манипулативна кампања која има за цел само предизборен поен, а не вистинска грижа за иднината на земјоделството.“
Од Левица нагласуваат дека нивната програма содржи реални и одржливи мерки за развој на земјоделството, вклучувајќи бесплатна земја за млади земјоделци, поволни кредити, субвенционирани машини и откуп со гарантирани цени.
„Сè додека земјоделството се третира како терен за пи-ар, а не како основа за економски развој, Македонија ќе се соочува со иселување, празни ниви и млади без иднина.“