Симонов: Пакт во пакт – дали пактот ве штити од внатрешен пакт?
Во период на интензивни геополитички тензии и тивка редефиниција на безбедносните приоритети на Балканот, новата иницијатива за регионална безбедносна соработка меѓу Албанија, Косово, Хрватска и Бугарија покрена сериозни прашања за смислата, насоката и можните последици од ваквиот „пакт во пакт“.
Сите овие држави се веќе дел од НАТО – што самото по себе ги обврзува на заемна безбедност и одбрана. Тогаш, се поставува логичното прашање: зошто повторно се собираат? И што е најважно – против кого?
Ова прашање во својата најнова јавна анализа го отвори политикологот Александар Симонов, кој на својот Фејсбук профил објави сериозна и длабинска критика за ваквите настани. Според него, иницијативата не е само безбедносна, туку има и стратешки, идеолошки и историски импликации – пред сè врз Македонија.
„Историјата нè учи дека не постои воен пакт без конкретна (воена) цел. Ако тргнеме по логиката на географијата и геополитиката, одговорот не е премногу комплициран“, пишува Симонов.
Во неговата анализа, тој предупредува дека помеѓу Албанија (и Косово, ако се смета како продолжение) и Бугарија – се наоѓа една држава кон која речиси сите овие земји во различни периоди имале територијални претензии: Македонија. Токму таа држава, како што вели, денес се наоѓа во позиција на безбедносна, политичка и институционална ерозија.
Симонов смета дека неформалните „платформи“ – како што се Тиранската и Софиската – функционираат синхронизирано и без потреба од формално координирање.
„Последниот попис во Албанија институционално сведочи за тоа дека македонското малцинство беше речиси избришано и статистички избугарено. Од другата страна, како политичко малцинство во Македонија, елитата им е класичен промотер на институционално интегриран иредентизам“, пишува тој.
Во овој дел, Симонов недвосмислено алудира на внатрешната политичка елита која, според него, е неспособна или недоволно подготвена да ги препознае долгите сенки на надворешните интереси – кои денес се изразени преку културни клубови, историски ревизионизам и претензии легитимирани преку „малцински права“.
Особено остра е критиката на Симонов кон македонската влада и односот кон сопствената армија и безбедност:
„Министерот за одбрана успеа војската да ни ја прехрани со расипана храна. Оружјето го дониравме за една употреба – без план за сопствена модернизација. Армијата е демотивирана, платите ниски, стратегија нема, а гордо повторуваме дека ‘сме НАТО’“, вели Симонов.
Во време кога Босна е пред ново вжештување, Србија е под геополитички притисок, а ЕУ фокусот е свртен целосно кон Украина, Македонија останува сама – без јасен надворешен партнер, без визија за сопствена одбрана, и без осмислен концепт за геополитичка самоодржливост.
Но можеби најсилното предупредување доаѓа во завршницата на објавата, каде Симонов го поставува клучното прашање: дали членството во НАТО навистина нè штити од опасноста што доаѓа одвнатре?
„Членот 5 од договорот за Пактот ве штити од надворешни непријатели, но не и од внатрешни! Пактот нема обврска да ве заштити од внатрешен пакт, без разлика уште во колку закони и институции пратениците на ВМРО ќе ја избришат Македонија и ќе ја стават ‘Северна’“, предупредува Симонов.
Македонија денес не е во фаза на надворешна инвазија, но можеби е во фаза на тивка политичка и идентитетска демобилизација. Новиот регионален сојуз можеби не е директна закана – но е индикатор за тоа каде оди регионот, и кој се гледа како сојузник, а кој како непријател.
Во време кога светот се престројува, а Балканот се готви за ново поделено сценарио, останува прашањето: каде е Македонија во сето тоа? Ако нема држава што ќе ја штити Македонија, останува само народот да се потсети – кој ги плаќа последиците кога историјата се повторува.