Левица: Вработените во културата без плата, Министерството чека насоки „од горе“
Политичката партија Левица остро реагира на доцнењето на мартовските плати за вработените во културата, оценувајќи го односот на надлежните институции како понижувачки и неодговорен. Според партијата, над 3000 културни работници се оставени без примања во пресрет на голем христијански празник, додека Министерството за култура, како што велат, се однесува како да нема ниту ресор, ниту министер.
„Министерството на олигархијата чека насоки од ‘горе’, додека културните работници по четврта година по ред се соочуваат со истата приказна – еднаш како комедија, еднаш како фарса, а денес како трагедија“, се наведува во соопштението на Левица.
Партијата истакнува дека одложувањето на исплатата на платите доаѓа по замрзнувањето на најавените протести од страна на Синдикатот на културата, за што причина бил допис од Министерството. Од Левица ова го толкуваат како директно изживување не само врз културните работници, туку и врз културата воопшто – која, како што велат, претставува лик и идентитет на еден народ.
„Ова е уште еден доказ за лицемерниот и ноншалантен однос на власта кон културата и нејзините носители. Однос кој не само што ја девалвира вредноста на културната дејност, туку и ги понижува луѓето кои ја носат напред“, стои во реакцијата.
Левица апелира до надлежните министерства итно да ги исполнат своите законски обврски и да не дозволат културните работници да останат без плата, особено во празничен период. „Својата власт себично ја бранат од народот, а токму народот останува со празна празнична трпеза“, порачуваат од партијата.