Левица бара одговорност од Таравари за затворањето на кардиохирургијата
Партијата Левица ја повика Владата итно да го разреши министерот за здравство Арбен Таравари, обвинувајќи го за директна одговорност за затворањето на салата на Клиниката за кардиохирургија – стратешки значаен медицински капацитет. Според соопштението, затворањето на единствената сала за кардиохирургија претставува „колапс на здравствениот систем“, особено во услови кога пациентите немаат алтернатива за третман.
Од Левица реагираат и на формирањето на стручна комисија за случајот со починатиот пациент, оценувајќи дека станува збор за обид на министерот да ја избегне сопствената одговорност.
Партијата го критикува и процесот на набавка на апарат за компјутерска томографија, посочувајќи дека тендерот не бил јавно објавен, а информациите за набавната цена и фирмата-победник се кријат. Левица прашува дали постои поврзаност меѓу затворањето на салата и контроверзната јавна набавка, особено затоа што, како што тврдат, станува збор за фирма која веќе била инволвирана во скапи договори и во времето на претходниот министер од редовите на истата партија.
Дополнително, партијата укажува дека Министерството првин го набавило апаратот тежок речиси три тони, без претходно да провери дали постојат технички услови за негова инсталација во клиниката. Како резултат на тоа, било потребно дополнително зајакнување на потпорните ѕидови, што дополнително го пролонгирало отворањето на операционата сала.
Левица обвинува дека фокусот на министерот Таравари е насочен кон претстојните локални избори, наместо кон функционирањето на здравствениот систем, и бара политичка и институционална одговорност за, како што велат, згаснат човечки живот поради нефункционалната сала за кардиохирургија.