АктуелноЛокално

Кичево: Депонија среде град – Отпадот сè поблиску до вратите, решението сè подалеку

  • Рокот е јасен – 14 дена за да се види поместување. Во спротивно, следуваат нови, уште порадикални протести.

Комуналниот хаос што со години го гуши Кичево кулминираше со масовен граѓански протест, откако жителите, повторно, останаа без надеж дека ќе добијат чист и здрав простор за живеење. Со децении проблемот со управувањето со отпадот останува нерешен, а локациите за депонирање на сметот само се менуваат – сметот останува.

Наместо решение – нова дива депонија, нова криза, нов револт. Иако фрлањето на отпадот во кругот на поранешниот керамички комбинат „Вранештица“ беше замислено како привремена мерка, таму денес се трупа целиот комунален отпад од Кичево. Летно време ситуацијата станува неподнослива – депонијата често гори, а чадот и смрдеата навлегуваат во секој дом, потсетувајќи ги граѓаните дека институциите не се на нивна страна.

„Не можеме да ги отвориме прозорците, не можеме да дишеме. Во лето сме во доброволен притвор – зарем тоа е нормално?“ прашува Петар Тренески, пензионер и жител од близината на депонијата.

Ова не е изолиран став – многумина во Кичево веќе живеат со последици по здравјето, а алармот одамна е вклучен: белодробни заболувања и зголемено загадување стануваат секојдневие.

Проблемот не е нов. Се менуваа влади, министри, градоначалници. Се нудеа „западни искуства“, беа најавени проекти, се ветуваше балирање и складирање на отпадот – но сè остана само на зборови. Одговорните се или отсутни или рамнодушни, а Министерството за животна средина речиси никогаш не излегува со јасен став или акционен план.

„Доволно е! Доста е молк. Или нека започнат со конкретни чекори или ќе излеземе секој ден на улица“, порачуваат од иницијативниот одбор. Според нив, рокот е јасен – 14 дена за да се види поместување. Во спротивно, следуваат нови, уште порадикални протести.

Со оглед на долготрајната негрижа, отсуството на трајна стратегија и повторувањето на истите грешки од страна на локалната и централната власт, целосно е оправдан револтот на кичевчани, кои не бараат ништо повеќе од основно човеково право – здрав живот во средина ослободена од отпад, чад и институционален молк.

Z P

Zvezdanka Pesikj