АктуелноЛокално

Концерт на македонско-турското дуо во Даут Пашин Амам

Во четврток, со почеток од 20:00 часот, во уникатниот амбиент на Даут Пашиниот Амам – Национална галерија на Македонија, ќе се одржи концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Македонија) и Пинар Челик (пијано, Република Турција).

Публиката ќе има ретка можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма која ги обединува културните вредности на двете земји, преку изведба на дела од македонски и турски композитори. Концертот претставува симболичен спој на традициите и уметничките визии на Балканот и Анадолија.

Овој настан се реализира под покровителство на Амбасадата на Република Турција во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре – Скопје, кој континуирано ја промовира културната размена и уметничката соработка помеѓу двете пријателски земји.

Влезот за настанот е слободен.