(Видео) Земјата се лизга – молк од институциите: Жителите кај Маркова Река живеат на раб на бездна
Локалниот огранок на Левица од Кисела Вода алармира – ова не е политичко прашање, туку прашање на човечка безбедност. Обилните дождови кои го зафатија подрачјето на Кисела Вода ја претворија Маркова Река од природен ресурс во вистинска закана. Како што информираат од Левица, свлечиште длабоко повеќе од пет метри го однело дел од брегот, уништило канал за одвод и оставило неколку куќи на работ од буквална бездна.
Ситуацијата на терен е критична: пукнати ѕидови, пропаднати дворови, поврат на фекални води низ оштетениот канал, и жители кои, со куфери покрај вратата, спијат подготвени да избегаат во случај земјата повторно да се лизне. Најтрагично од сè – децата сè уште играат во кал, но сега, наместо безгрижност, играта ја придружува страв.
„Ова не е обична поплава. Ова е аларм!“, порачуваат од Левица, повикувајќи ја Општина Кисела Вода и надлежната комисија за проценка на штети итно да излезат на терен и да ги преземат неопходните мерки.
Според партијата, досега никој од институциите не реагирал сериозно, и покрај јасните и непосредни закани по животот на жителите. „Не чекајте уште една трагедија за да се разбудите“, апелираат тие, додавајќи дека секој ден поминат во неизвесност е живот поминат во страв.
Жителите очекуваат акција, а не изговори. Прашањето е едноставно: колку уште треба да се лизне земјата, пред некој конечно да излезе на терен?
Видеото од репортажата на Локалниот огранок на Левица од Кисела Вода на линкот подолу: