Вонредна инспекција во Општина Тетово поради спорната легализација на викендичка на професорот на ТДУ – Фатон Мурсели
Вонредна инспекција е започната во Општина Тетово поради случајот со спорната легализација на дивоизградена викендичка на Попова Шапка, сопственост на универзитетскиот професор Фатон Мурсели. Објектот, кој според документи е изграден на државно земјиште, е легализиран врз основа на, како што утврди Агенцијата за катастар, незаконски геодетски елаборат.
Случајот беше првично откриен од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), чија истрага посочи сериозни нерегуларности во процесот на легализација на викендичката со површина од 132 квадратни метри. Куќата, наводно изградена пред 2011 година, била регистрирана за легализација уште во 2016 година од Сали Исени, роднина на професорот Мурсели, кој подоцна му ја подарил.

ИРЛ откри дека на местото на викендичката немало објект сè до 2024 година, што ги доведува во прашање и изјавите и документацијата врз кои се темелела легализацијата. Дигиталниот потпис на геодетскиот елаборат, кој го потпишал управителот на фирмата „Геополог“, е невалиден, а дополнително недостасуваат податоци за теренски мерења на датумот наведен во документите.
Како резултат на откритијата, Државниот управен инспекторат издаде два налози за вонредни инспекции – едниот во Секторот за урбанизам, а другиот во Општинскиот инспекторат на Тетово. Паралелно, Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство Тетово го истражуваат случајот и најавија поднесување на соодветен поднесок по целосно документирање на околностите.
Од Катастарот потврдија дека немало реална теренска проверка на објектот, иако тоа било наведено во елаборатот. Дополнително, МВР информираше дека професорот Мурсели е осомничен за кривичното дело „самовластие“.

Во целиот случај се вклучени и други проблематични детали. Имено, на 12 јуни минатата година, Советот на Општина Тетово изгласал легализација на 32 дивоградби, меѓу кои и објектот на Исени, кој подоцна преминал во сопственост на Мурсели. Претседателка на Комисијата за урбанизам, која дала позитивно мислење за легализацијата, е Ревиде Рамани Мурсели – сопруга на професорот.
Од Општина Тетово за ИРЛ изјавија дека доколку надлежните институции утврдат правни прекршувања, ќе постапат согласно законот, вклучително и со евентуално поништување на решението за легализација.
Инаку, во Општина Тетово и натаму чекаат решение околу 2.000 барања за легализација на дивоградби. Законот за легализација е во сила до март 2026 година.
Веста е делумно преземена од ИРЛ на линков може да ја видите целата.