АктуелноИнтернационално

Кина објави „Бела книга“ за економските односи со САД: Повик за соработка и осуда на американскиот протекционизам

Кинеската влада објави официјално соопштение – т.н. „Бела книга“ – со која ги појаснува своите ставови за тековните економски и трговски односи со Соединетите Американски Држави, нагласувајќи ја важноста на соработката, но и критикувајќи ги растечките протекционистички политики на САД.

Во документот се наведува дека Кина, како најголема земја во развој, е најголем придонесувач во глобалниот економски раст, додека САД, како најголема развиена економија, имаат огромно влијание врз светската стабилност и развој. Економските и трговските односи меѓу Кина и САД се оценети како од клучно значење за двете земји и за глобалната економија.

Во изминатите 46 години, од воспоставувањето на дипломатските односи, трговската размена меѓу двете земји се зголемила од помалку од 2,5 милијарди долари во 1979 година на речиси 688,3 милијарди долари во 2024 година. Оваа соработка, според Кина, дала значителен придонес за економскиот развој и благосостојбата на народите во двете земји.

Сепак, Пекинг остро ја критикува политиката на Вашингтон, наведувајќи дека зголемувањето на унилатерализмот и протекционизмот од американска страна сериозно го попречува нормалното економско партнерство. Откако започна трговскиот конфликт во 2018 година, САД вовеле царини на кинески производи во вредност над 500 милијарди долари и презеле низа рестриктивни мерки насочени кон потиснување на кинеските економски интереси.

Кина посочува дека презела контрамерки за заштита на своите национални интереси, но истовремено останува посветена на решавање на споровите преку дијалог и преговори. Потсетено е и на потпишувањето на „Фаза 1“ економскиот и трговски договор од 15 јануари 2020 година, по кој Кина, и покрај предизвиците од пандемијата и нарушувањата во синџирите на снабдување, останала посветена на неговото спроведување. САД, според документот, од друга страна, континуирано ги засилувале санкциите и ги прекршувале своите обврски од договорот.

Особено внимание е посветено на најновите американски мерки, вклучувајќи дополнителни тарифи врз кинески производи со изговори како борбата против фентанил, како и најавените „реципрочни царини“, нови такси на пристаништа и ограничувања преку истраги според член 301, насочени кон кинеските индустрии за поморство, логистика и бродоградба.

Кина ги оценува овие мерки како изолационистички, спротивни на принципите на пазарна економија и мултилатерализам, со потенцијално сериозни последици за билатералните односи. Во согласност со меѓународното право, Кина најавува соодветни контрамерки.

Во заклучокот, Пекинг порачува дека економските односи меѓу Кина и САД треба да се базираат на заемна корист и почитување. Разликите се природни меѓу две земји со различни економски системи, но тие, според кинеската страна, треба да се решаваат со почитување на меѓусебните интереси преку отворен дијалог и консултации.

Со објавувањето на оваа „Бела книга“, Кина има за цел да ја информира домашната и меѓународната јавност за фактичката состојба на односите и нејзината позиција околу економско-трговските прашања со САД.

Целата содржина на таканаречената „Бела книга“ може да ја најдете на следнот ЛИНК