АктуелноЛокално

Шокантни детали од Пирогов: Целосното закрепнување на жртвите од пожарот во „Пулс“ може да трае до 7 години

Состојбата на четворицата пациенти кои остануваат на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија и понатаму е сериозна, но стабилна. Ова го соопшти раководителката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија, д-р Маја Аргирова, во изјава за бугарската национална телевизија БНТ.

Аргирова истакна дека четири лица веќе се отпуштени од болница, но закрепнувањето на сите жртви од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе биде долг и болен процес.

„Закрепнувањето од вакви повреди трае од година и пол до две години. Но, ако се земат предвид и реконструктивните операции, целиот процес може да трае и до седум години,“ предупреди Аргирова.

Таа посочи дека пациентите ќе мора редовно да доаѓаат на прегледи и да следат стриктни упатства дури и по излегувањето од болница. „Третманот не завршува со отпуштање. Тој продолжува дома, под континуиран медицински надзор,“ нагласи таа.

Аргирова додаде дека ова се едни од најтешките случаи со кои нејзиниот тим се соочил. Посебно емотивен бил моментот кога лекарите требало да се грижат за деца со тешки изгореници. „И нема потешко нешто и за жртвата и за неговото семејство од ова. Посебно кога станува збор за големи површини од телото,“ рече Аргирова.

Повеќето од младите пациенти, според неа, одбивале да зборуваат за случувањата од трагичната вечер. „Со нив работи психолог. Повеќето не сакаат да зборуваат за таа ноќ,“ заврши Аргирова.