Смилев: И по 23 години, Мало Мовче во Велес сѐ уште нема технички прием
Советникот од Левица во Општина Велес, Игор Смилев, алармира за сериозни пропусти поврзани со пешачкиот мост Мало Мовче, кој повеќе од две децении по неговата изградба, сѐ уште нема извршен технички прием.
„Дали сериозно е нарушена неговата стабилност и колку е безбедно минувањето по него?“ – прашува Смилев, укажувајќи на загрижувачката состојба на мостот што секојдневно го користат граѓаните.
Дополнително, во 2006 година – само четири години по отворањето на мостот – тогашниот општински Совет иницирал негово времено затворање, поради констатирани низа недостатоци и пропусти. Уште тогаш било укажано дека лентата за свечено пуштање во употреба била сечена без да биде издадена задолжителна употребна дозвола, што претставува сериозен правен и безбедносен пропуст.
Советниците од Левица неодамна поднеле барање за информации од јавен карактер до Општина Велес, со цел да утврдат дали воопшто некогаш е извршен технички прием на Мало Мовче. Реакцијата од институциите, според Смилев, била шокантна:
„Општината и одделението за комунални дејности и сообраќај не поседуваат никаква информација и документација, и никој од сегашните вработени немал контакт со оваа материја.“
Во обид да добијат некаква трага, биле препратени до Подрачното одделение на Историскиот архив на Македонија во Велес. Но таму, по обраќањето на 3 април, шест дена подоцна – молк.
Иако кружат гласини дека поранешниот градоначалник Аце Коцевски наводно спровел технички прием, досега не е пронајден ниеден валиден документ кој го потврдува тоа.
„И лаички може да се констатира и да се види со голо око – состојбата на Мало Мовче е загрижувачка“, подвлекува Смилев.
Граѓаните веќе изразуваат револт поради состојбата на мостот. Побарани се пристапни рампи за лица со попреченост и подобро осветлување, но и овие барања остануваат нерешени поради „недостаток на проектна документација“, според Општината.
Смилев апелира институциите да се зафатат сериозно со случајот и итно да се утврди правната и техничката состојба на мостот, за да не се дозволи евентуална трагедија во иднина.
