Повторно вандализиран споменикот на прогонетите деца Македонци од Егејот – од институциите молк
Споменикот на насилно прогонетите деца Македонци од Граѓанската војна во Грција (1946–1949), поставен во Паркот „Жена борец“ спроти Собранието на Македонија, повторно е цел на вандализам. Утрово, минувачи пријавиле дека од споменикот е откорната металната плоча која симболизира жена со три деца – дел од уметничката композиција што сведочи за трагедијата на илјадници семејства од Егејска Македонија.
Ова е трет регистриран напад врз истиот споменик во изминатите години. Првиот случај се случи во октомври 2019, кога беше искршена мермерната спомен-плоча на задната страна, а веќе во ноември истата година беа откорнати натписи и симболи на предната страна. И по тие инциденти, јавноста остана без одговор – ниту беа откриени сторителите, ниту беше соопштена официјална истрага или поставени камери за заштита.
Инцидентот доаѓа во време кога во јавноста расте загриженоста за безбедноста на културно-историските обележја и начинот на кој се третираат чувствителни теми од историјата. Особено фрапантен е фактот дека споменикот се наоѓа на локација од висок јавен интерес – веднаш до македонскиот Парламент – но очигледно без видео надзор.
Споменикот, откриен во 2016 година, е посветен на над 28.000 деца, најмногу Македонци од Егејскиот дел, кои беа присилно одвоени од семејствата и раселени во Источна Европа и други земји поради воените дејства во Грција во втората половина на 40-тите години од минатиот век. Тој претставува симбол на болното минато, но и на копнежот за правда и сеќавање.
Денес, местото каде се наоѓаше металната плоча остана празно. Нема ознака, нема симбол, нема контекст за случајниот минувач што го гледа. Прашањето кое сега се поставува е – дали институциите конечно ќе преземат конкретни мерки за заштита и реконструкција, или ова ќе остане уште еден случај во кој историската меморија на народот исчезнува во тишина.