АктуелноЛокално

Мапирање на спокојот – изложба на акварели на Јана Андреевска во КИЦ

Утре вечер (9.4.2025), со почеток од 20 часот во Продажниот салон на Културно информативен центар – Скопје ќе се отвори изложбата на акварели „Мапирање на спокојот“на Јана Андреевска.
Јана Андреевска веќе неколку децении претставува значајна фигура на меѓународната композиторска сцена. Сепак, нејзината уметничка имагинација не е ограничена само на музиката. Сликањето за авторката последниве години прерасна во интимен и автентичен творечки простор, што резултира со изложбата „Мапирање на спокојот“.
Таа истакнува дека создавањето музика е процес што минува низ повеќе етапи и се остварува низ различни форми на соработка, за разлика од сликањето кое го доживува како индивидуална и многу поинтимна уметничка активност, ослободена од потребата за посредници и туѓо учество.
„Музиката и како процес на создавање од замисла до реализација на партитура како временска уметност, потоа врзана со тимска работа за да се заокружи со изведба, опфаќа многу различни фази и во таа смисла е многу покомплексна и подолготрајна. Сликањето не е толку сложено во таа смисла, тука сте сами и не ви треба никој. Но, за мене и двете бараат висок степен на концентрација, потреба од јасност на намерите и соодветно избрани средства и воопшто една посебна духовна состојба, внесеност при која времето тече со друга брзина, внесеност без која создаденото не би имало магија.“
Јана Андреевска (р.1967, Скопје) e композитор, професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и уметнички организатор во светот на современата класична музика. Таа е првата македонска жена-композитор и една од меѓународно најизведуваните македонски композиторки.
Интересот кон сликањето го пројавува уште на рана возраст, но и покрај големата желба тоа да и биде професија, дефинитивно целосно им се посветува на студиите по композиција и на музиката која и станува професионална определба. Со акварел почнува поактивно да се занимава во текот на пандемијата со Ковид 19