АктуелноЛокалноОгледало

Заборавените жртви на Велес: Бомбардирањето од април 1941 што засекогаш го промени градот

Велес под германски воздушен оган – над 40 цивилни жртви, разурнати маала и молк што трае со децении.

На 6 април 1941 година, германската нацистичка војска започна инвазија врз Кралството Југославија. Македонија, тогаш дел од составот на Кралството, беше меѓу првите територии на ударот. Велес, важна железничка и географска точка во срцето на Македонија, набргу стана сцена на еден од најтрагичните и најзаборавени настани од Втората светска војна – масовно бомбардирање, кое остави трајни последици врз градот и неговото население.

13 пати надлетуван – ноќ пред пеколот

Велешани првпат го почувствувале ужасот на војната на 6 април 1941 година, кога германски авиони 13 пати го надлетале градот, создавајќи страв и немир меѓу жителите. Велес во тоа време бил град од скромна архитектура – куќи изградени од плитар, тесни улици и маала како Којник, Бузаана, Мегдан, Сармаале и Варналиите – густо населени и лесно ранливи на воздушни напади.

Во 7 часот наутро започнаа нападите – Штуките не поштедија никого

На 7 април, рано наутро, токму во 7 часот, започнало масовното бомбардирање. Германските „Штукe“ – симболот на теророт од воздух – го надлетале Велес и започнале систематски напад. Силни детонации одекнувале низ градот. Сведоштвата на преживеаните опишуваат хаос: деца кои плачат, мајки кои трчаат со децата в раце, рушевини, прав, крв и паника.

„Живеевме на Мегдан. Штом ги слушнавме авионите, тргнавме преку Вршник, кај роднини. Бегавме, мајките не носеа. Луѓето умираа пред нас. Тоа беше вистински пекол.“, вели една преживеана, денес во длабока старост.

Иако германските авиони најчесто ги целија железницата и мостовите, ниедна од тие конструкции не била уништена. Сепак, населението настрадало тешко. Цели маала беа разурнати, а најголем број жртви имало во Којник и Мегдан.

Според личниот дневник на Боро Морков, објавен во списанието „Велес“, на 7 април 1941 година животот го загубиле околу 40 лица – главно цивили. Но, овие жртви никогаш не биле заведени во официјалните историски документи, ниту пак постои спомен-обележје што сведочи за страдањата на граѓаните.

Во споредба со другите градови – Скопје, Штип и Битола, каде што постојат јасни меморијални симболи и записници за жртвите, Велес останува во сенка – без историска правда и институционално признание за страданието што го претрпе.

Окупацијата пристигнува – ден подоцна

На 8 април, само еден ден по нападот, германските единици влегуваат во Велес. Многу жители биле пречекани со страв и неизвесност. На 14 април, во градот пристигнува Васил Хаџикимов, кој во координација со Бугарскиот Централен Акционен Комитет, воспоставува нова власт под бугарска окупација.

Историја во молк – време е за сеќавање

И покрај обемот на страдањата, Велес никогаш не доби спомен-обележје за жртвите од 7 април 1941 година. Нема плоча, нема симбол, нема институционална почит. Историјата останува запишана само во лични дневници, усни сведоштва и семејни сеќавања.

Поминаа 84 години од тој априлски ден кога градот беше уништен, а животите згаснаа без можност за збогување. Сега е време за историска правда. Велес го заслужува своето сеќавање, а жртвите – своето место во колективната меморија на народот.

Z P

Zvezdanka Pesikj