АктуелноЛокално

(Видео) Со цел да се задржи достоинството – Левица со нов Предлог-закон за денови на жалост

На денешната прес-конференција, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ го соопшти новиот предлог-закон на пратеничката група на Левица којшто е со цел искоренување на недоличното и неетичкото однесување во денови на жалост:

„Веруваме дека секое општество треба да постави рамка за како да се однесува во моменти на колективна трагедија и болка. Во моменталната правна рамка постои сериозен законски вакум кога станува збор за уредување на деновите на жалост. Иако Владата има овластување да прогласи денови на жалост, како што и Законот за знамето предвидува тоа да биде ставено на пола копје – нема јасни правила ниту санкции за непочитување на овој чин. Тоа остава простор за недолично и неетичко однесување. Во јавноста често пати гледаме злоупотреба од профитирање врз трагедијата преку сензуалистички медиумски настапи, до институции кои продолжуваат да функционираат како ништо да не се случило и политизација на деновите на жалост“ – потенцираше пратерникот.

„Последниот случај со трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 60 наши сограѓани – е болен потсетник колку оваа материја е важна и дека е неопходно да се уреди со закон. Со овој Предлог-закон бараме да се воспостави јасен, правичен и достоинствен систем за одбележување на деновите на жалост со цел да се покаже почит, солидарност и да изградиме култура на колективна емпатија во државата. Овој закон го нуди следното: дефиниција и критериуми за прогласување на денови на жалост врз основа на опфатот и сериозноста на трагичниот настан; прецизна надлежност кој орган го носи решението, во кој рок и на кој начин; обврски за институциите и јавните сервиси за поставување на знамиња на половина копје, соодветна медиумска содржина, одложување на манифестациите што не се соодветни за ситуацијата. Ова е со цел заштита на достоинството, за да се спречат навредите, несоодветната употреба на јавниот простор и политичко профитерство од трагедиите“ – објасни Мециновиќ.

„Нагласуваме дека овој Закон нема да го ограничи правото на слободно изразување и приватно однесување, туку тој се однесува за државната, институционалната, јавната работа во тие домени. Ова е истовремено и покана за сите политички партии и општествени чинители, да се вклучат и да дадат мислење за оваа сензитивна материја за која мислиме дека ќе наидеме на широка поддршка во Собранието. Меѓу другото, ова наше предлог-решение, доаѓа врз основа на комуникација со медиумски работници и со работници во институциите“ – истакна пратеникот од Левица.

„Да покажеме дека како држава умееме да чувствуваме, но и да го задржиме достоинството“ – апелираше Мециновиќ.