Од празни ветувања до царински удари: Мицкоски во дипломатска криза – Од „профит од царините“ до чекање на чудо од Трамп
Кога премиерот Мицкоски пред само два месеци триумфално изјави дека „Македонија ќе профитира од царините на САД кон ЕУ“, веројатно не очекуваше дека токму Македонија ќе биде на удар од истите тие „профитабилни“ царини. Но, како што често се случува кога политичката реалност се меша со фантазија – дојде суровото будење.
Последните обиди на Мицкоски да ја „реши ситуацијата“ личат повеќе на дипломатски комичен стендап отколку на сериозна надворешна политика. Наместо средба со некого релевантен – на пример, Доналд Трамп – добивме празни флоскули, некакви недефинирани „разговори“ и, се разбира, класичниот изговор: „Процесот е сензитивен“. Ама барем, вели, е во контакт со… Кабинетот на Трамп. Што и да значи тоа…
Иронично, откако Мицкоски уверуваше дека нема да бидеме погодени, денес молењето по амбасади и телефонските линии на Вашингтон стана ново хоби на владата. Како што тој објаснува, „очигледно станува збор за некаква грешка или погрешна информација“. Секако. Американската трговска политика се темели на „Excel“ табела што некој во Вашингтон ја изгубил или погрешно ја зачувал, па несреќно ја кликнал „Македонија“ наместо „Мароко“.
И додека Македонија трпи економска штета, нашата влада се занимава со „споредување податоци“ и некаков контакт со „Министерството за економија“ и „Кабинетот на Трамп“. Ако не беше трагично, ќе беше урнебесно.
Целиот наратив, всушност, е школски пример за политичка наивност со доза на мегаломанија: премиер кој ветува средби на високо ниво во САД, а се враќа со слики од преполн стадион оддалечен 200 метри од подиумот каде се ѕвездите на полтичката сцена во САД; влада која се фали со „доверба од САД“, а добива царини; човек што самоуверено кажува дека ќе профитираме, па потоа објаснува дека „можеби поголеми ќе бидат секундарните ефекти“.
Па добро, ако ова е „секундарен ефект“, што ли ќе биде примарен?
Можеби е време Мицкоски да престане да глуми дипломат на светска сцена и да се фокусира на реалноста дома. А реалноста е јасна – Македонија трпи економски штети, а од Трамп добивме колку и од Цацко од Конопиште: апсолутно ништо, дури и трпиме штети.