Трендафилов од ССМ: На втори април сите излегуваме на улица
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најави дека синдикатите ќе излезат на протест во Скопје на 2 април, барајќи повисоки плати и подобри услови за работниците.
„Не се преговара со поголемиот дел од гранските синдикати на ССМ, ниту за висината на платите. Затоа излегуваме на улица“, изјави Трендафилов.
Според него, по последната прес-конференција, притисокот врз ССМ од страна на одредени политички структури се засилил.
„Нападите доаѓаат од политички партии и директори кои земаат плата од нашите даноци, а сега ги користат своите позиции за да вршат притисок врз синдикалните активисти, заканувајќи се со откази и намалување на плати“, нагласи тој.
Трендафилов истакна дека протестот не е насочен против Владата, туку за подобрување на условите за работниците.
„Не сме тука за да ја рушиме Владата, туку за да бараме повисоки плати за достоинствен живот“, порача тој.
ССМ останува доследен на своите барања, а протестот на 2 април ќе биде тест за поддршката на синдикалните права во земјата.