Изложба на плакати во Музеј на град Неготино
Годинава Музејот на град Неготино одбележува 47 години од своето постоење, односно формирањето во 1978 година (31 март). Овој значаен датум за музејска дејност и воопшто културата во нашиот град ќе биде одбележан со поставување на Изложба на печатени материјали поврзани со богатата ризница на културни настани кои се одржани во Музејот во минатото.
Оваа изложба нуди ретка можност преку презентираните печатени материјали пошироката јавност да се запознае со бројни културни настани – самостојни и групни ликовни изложби, изложби на икони, скулптури, карикатури, графички дизајн, филателистички изложби и изложби на копаничари, потоа изложби на археолошки и историски материјали, концерти, рецитали, презентација на документарни филмови, промоции на каталози и друго, кои низ времето биле дел од богатиот музејски репертоар презентиран во Музејот.
Преку изложените материјали, посетителите ќе имаат можност да го проследат историскиот развој и континуитетот на Музејот на град Неготино, како носител на музејската дејност во општината.
Поради објективни причини, изложбата нема да има свечено отварање, но ќе биде поставена во изложбениот салон на Музеј на град Неготино од 28 март 2025 година со можност за посета на сите заинтересирани граѓани – љубители на културата и уметноста до крајот на месец април.



