АктуелноЛокално

Левица: Одговорност од пазарните инспектори – Беззаконието мора да запре

Ова не е само уште еден „пропуст на системот“ – ова е резултат на свесно неказниво беззаконие, одржувано од политичките елити на власт. Поради тоа, Левица јавно бара разрешување на сите пазарни инспектори надлежни за територијата на Град Скопје, како и преземање на одговорност од сите институции кои толерирале незаконско работење.

По шокантните откритија дека во Скопје од 13 дискотеки, само две работеле со соодветна лиценца, Левица упатува остра реакција за долгогодишната неказнивост и коруптивната спрега меѓу владејачките партии и сопствениците на овие објекти. Оваа состојба, која со години била толерирана од институциите, кулминираше со трагедијата во Кочани, разоткривајќи го распаднатиот систем изграден од корумпирани елити.

Незамисливата трагедија во Кочани на површина ги изнесе сите недостатоци на трулиот систем, граден 35 години од корумпираните партии и нивните олигарси. Фрапантни се податоци за пропустите и непостапувањето на институциите, кои за жал, се претворени само во биро за вработување на партиски кадри.


Ситуацијата со работата на дискотеките особено во Скопје е алармантна – само два објекти од вкупно тринаесет работеле со лиценца! И ова не е изолиран случај, туку е системски дозволувана корупција од секоја партија на власт, поради поврзаноста на газдите на овие дискотеки директно со партиите. Ова значи дека цела низа институции не постапувале, почнувајќи од пазарни инспектори, Градот Скопје, градоначалниците, МВР, Министерството за економија. Јасно е дека само владејачките партии можеле да овозможат ваква заштита од безаконие!

Не е доволно што после трагедијата во Кочани, пазарните инспектори во Скопје конечно констатираа дека само два објекти работат со лиценца. Потребно е разрешување на постоечките пазарни инспектори кои во минатото не ја извршиле својата должност и со години толерирале дискотеките на територијата на Град Скопје да работат незаконски.


Ја потсетуваме јавноста дека во 2022 година, советниците на ДПМНЕ и СДС во Советот на Град Скопје изгласаа одлука летните дискотеки да продолжат незаконски да работат! Иако уште тогаш советниците на #Левица алармираа дека овие дискотеки работат незаконски, сепак коруптивната спрега ДПМНЕ-СДС го надвладеа јавниот интерес. Системот е составен од персонална одговорност на оние кои не постапиле (а биле должни) и нема да дозволиме партиски кадри да се штитат под флоскулата “грешки на системот”. Јавно бараме разрешување на сите пазарни инспектори надлежни за територијата на Град Скопје.

Корупцијата и политичките игри со безбедноста на граѓаните мора да запрат. Време е за вистинска одговорност! стои во реакцијата на Левица.

Z P

Zvezdanka Pesikj