Закани и уцени: Обид за слабеење на ССМ преку принуда и закани врз работниците
- Заканите кон синдикалните членови се кривично дело. Доколку навистина се докаже дека некои директори и раководители на јавни претпријатија и институции вршат притисок врз работниците, тогаш ова не е само синдикален, туку и политички проблем.
Во последниот период, сè повеќе граѓани и членови на различни синдикати пријавуваат директни закани од своите претпоставени да се отчленат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и да пристапат кон Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Според поплаките што пристигнуваат до медиумите и самиот ССМ, овие закани не се само вербални, туку одат дотаму што вработените се соочуваат со закани за откази, казни и други репресивни мерки.
Според информациите, најмалку двајца вработени, еден од Јавното претпријатие „Стрежево“ и друг од АД „Водостопанство“, добиле директни закани. Тие биле принудувани да ја сменат својата синдикална припадност во корист на КСС. За сега, идентитетот на лицата кои ги вршат овие притисоци останува заштитен, со цел да се испочитува правото на невиност, но прашањето што се поставува е дали ова е само почеток на поголем обид за дестабилизација на најголемиот синдикален сојуз во земјата.
Од ССМ тврдат дека вакви закани не се појавуваат само во овие две претпријатија. Напротив, во нивните канцеларии веќе се пријавени слични случаи од:
- Македонски Пошти
- Агенцијата за катастар на недвижности
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
- Други јавни институции
Ова покажува дека станува збор за систематски притисок кој не е ограничен на една или две институции, туку претставува поширока стратегија на слабеење на ССМ како доминантен синдикат во земјата.
Овој проблем не е нов, но сега добива сериозни размери. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, веќе го посочи ова прашање на неодамнешна прес-конференција, нагласувајќи дека во наредниот период Сојузот ќе објави конкретни детали за сите закани што ги добиле нивните членови.
„Ова е директен атак врз синдикалното движење. Заканите со откази и казни претставуваат грубо прекршување на работничките права и обид за гаснење на слободата на синдикално организирање“, предупреди Трендафилов.
Кој има интерес ССМ да ослаби на сметка на КСС? Дали станува збор за обид за целосна контрола врз синдикалното движење преку фаворизирање на одредени структури? И што е најважно – дали Владата и институциите ќе постапат и ќе ги заштитат работниците од овие притисоци, или ќе останат неми пред очигледните злоупотреби на моќ?
Одговорите на овие прашања ќе бидат клучни во наредниот период. Ако властите молчат, тогаш ова ќе испрати порака дека заканите и притисоците врз работниците се дозволени, што би било опасен преседан за синдикалното движење во Македонија.