АктуелноЛокално

Неготино: Уште за Фросина не можеме да се соземеме – само душата им знае како им е на жителите на Кочани

Пред помалку од два месеца неготинскиот плоштад замириса на свеќи и траорна тишина го покри градот. Фросина Кулакова, студентка по моден дизајн, го загуби животот на 22-годишна возраст додека преминуваше на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје.

Денес повторно плоштадот замириса на свеќи овојпат за душите на 59-те невини младинци чии животи згаснаа во Кочани, во таканаречената дискотека Пулс.

Илјадници неготинци од сите генерации излегоа на градскиот плоштад со грутка во грлото и со прашањето: До кога ќе палиме свеќи за нашите деца?

-Повторно овие слики, повторно свеќи и цвеќе. До кога вака? Па пред помалку од два месеца на собирите за Фросина молевме за правда, молевме да запре неказнивоста и корупцијата, за да не ни гинат децата. Едно толку мало парче земја, а на него толку црнила и неправди, велат жителите на Неготино.

По смртта на Фросина, по бурните јавни реакции, за миг помислиле дека конечно ќе започне да се става крај на безредието во кое е западната земјата, дека на секој сегмент во општеството ќе се посвети внимание, посебно кога станува збор за младите генерации и нивната безбедност. Но, трагедијата во Кочани дојде како уште еден застрашувачки удар, каков што Македонија не памти досега.

-Кочани, како и Неготино е мало место. Едно дете ни отиде од Неготино, Фросина, па уште не можеме да се соземеме. Како им е на жителите на Кочани, можеме само да претпоставуваме, душата им знае…

Колку време ќе им биде потребно на тие луѓе да ја надминат оваа трагедија и дали воопшто некогаш ќе ја надминат? Нашите мисли се со нив, иако знаеме дека сите зборови за утеха се напразни, велат граѓаните.

Z P

Zvezdanka Pesikj