АктуелноЛокално

Граѓанска иницијатива Кој е следен: Македонија заедно ќе се тагува и плаче – така ќе треба Македонија и заедно да се лечи

Граѓанската иницијатива Кој е следен повикува граѓаните утре, 18 март, да се соберат на градските плоштади ширум земјава и да одадат почит на загинатите во пожарот во кочанската дискотека Пулс.

Македонија повторно е завиена во црно. Уништени и во грч седиме пред екраните во исчекување на нова поголема бројка, во исчекување на нова поголема тага. 59 млади лица не го видоа денешниот ден. Двојно повеќе се во болници и тешко повредени. Ние, како и децата во дискотеката, сме повторно беспомошни и оставени сами на себе. Во овие траорни денови, Македонија треба да биде заедно. Треба да си бидеме рамо за плачење и треба да си дадеме утеха еден на друг, ако воопшто и можеме, стои во најавата за јавниот собир на кој повика неформалната група Кој е следен?

Оттаму повикаа на заедништво во ужасот и ги повикаа сите луѓе низ цела Македонија утре во 18 часот да се соберат на плоштадите во своите градови и да не поминуваат низ ова сами.

Повикуваме во чест на починатите да се поделат црни ленти, за како народ да покажеме дека згаснатите животи нема да бидат заборавени. Тек допрва ќе доаѓаат црните денови за нас, а низ Македонија заедно ќе се тагува и плаче. Така, ќе треба и Македонија заедно да се лечи, се посочува во најавата за собирот.