АктуелноЛокално

Судиите остануваат недопирливи – Никој освен Левица не гласаше за предлогот за воведување кривична одговорност за коруптивни одлуки

На денешната собраниска седница, предлогот за воведување на кривична одговорност за судиите, поднесен од пратеничката група на Левица, не доби поддршка од ДПМНЕ, ВРЕДИ, ЗНАМ, СДСМ и ДУИ.

Со ова, пратениците повторно ја докажаа слогата кога станува збор за одржување на трулиот корупмпиран систем и неказнивоста на која тие се креатори.

Излагање на лидерот на Левица, пратеникот проф. д-р Димитар Апасиев, кој ја образложи потребата и целта на дополнувањето на Кривичниот законик:

Има цитат од еден универзитетски професор од Универзитетот во Гент, Ван Кенајген, кој вели: „Каква корист ние имаме ние од судиите ако тие можат да бидат принудени да се сложат со незаконските барања на Власта, а Власта којашто е парализирана од класна привилегираност, во нашиот случај, нема никакви сили да ја скрши коруптивната кора од уставни обичаи, со цел да го модернизира и да го оплемени правниот систем?”

И доаѓаме до македонскиот феномен, или вмровскиот феномен, а тоа е “судиите од тефтерчињата” за коишто народот смисли многу сочни епитети. Овие ситнодушни властопослушници и оваа каста на привилегирани, еве само пример за јавноста – привилегиите на судиите се движат по следново: имаат плата од 2.000 до 3.000 евра стигнуваат со додатоци, имаат траен мандат, што е кардинално прекршување и непресушен извор на корупција, имаат имунитет и апсолутна неодговорност, имаат службен стан, имаат трошоци за превоз, домување и одвоен живот, имаат годишен одмор од месец и пол, имаат посебна полициска заштита нив и на нивното семејство, имаат право да носат службен пиштол и муниција, имаат службена патна исправа со која се ослободени од плаќање патарини, превоз, аеродромски и станични услуги и имаат стипендии за дошколување.

Вакви привилегии нема ниту еден сталеж во нашето општество, и затоа неслучајно Исус од Назарет ќе каже дека судиите се дерачи на сиромашните, дека тие се трговци со пресуди и Паскал ќе каже дека се дотерани како мачори со нивните смешни тоги.

Во суштина, тие се приврзоци на вашиот неправичен систем којшто го воведовте во 2005 година со протувуставниот амандман 27 којшто вели дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за донесена одлука.

Сосема спротивно од целокупното Европско законодавство и Уставно право, воведовме нешто што го немаше од хамурабиовиот законик до денес, а тоа е апсолутна неодговорност за носење пресуда.

Го изменивме членот 100 и истите фосили од Правен факултет ни ги прават правосудните реформи, 200 години истите луѓе, и затоа доаѓаме до вакви неуедначени правила.

Што воведовме ние? – Воведовме, прво, декриминализација на едно кривично дело коешто постоеше во кривичниот законик на СФРЈ од 1976 година, и постоеше на истиот овој Устав до 1996 година кога го донесовме нашиот македонски кривичен законик и воведовме правна колизија. Имено, сега е шизофрена ситуацијата, од една страна судиите можат да одговараат за кривично дело, како што имаме случај злоупотреба на службена положба, несовесно вршење на службата, примање поткуп и слично. Од друга страна тие не можат да одговараат затоа што ги штити уставен амандман.

Од една страна тие не одговараат за штетата, но од друга страна согласно Законот за облигациони односи, државата одговара во нивно име, поради штета сторена преку корупција.

Левица во идниот период ќе предложи серија мерки, но сега тргнуваме од воведување на ново кривично дело, а тоа е член 353 – г од Кривичниот законик којшто постоеше во Југославија и сѐ уште постои во земјите од регионот и во Европа, а тоа е кршење на закон од страна на судија.

Се надевам дека ќе имате слух за ова правосудно дело, повторно да биде воведено во нашиот Кривичен законик.