Изложба на фотографии „Вечни тела“ во КИЦ
На 18 февруари 2025 (вторник) со почеток од 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје, салон Империјал 1 ќе се отвори изложбата на фотографии во рамките на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова.
Проектот „Вечни тела“ ја деконструира доминантната претстава за староста како крај на активниот живот и значењата што културата им ги припишува на возрасните и ја аргументира потребата од ослободување на возрасното тело од патологиите на маргинализација.
Проектот е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.
Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски пак е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.
Изложбата ќе биде отворена до 02.03.2025 година.