Институтот за судска медицина шест недели го нема доставено извештајот за починатата родилка до ОЈО
Триесет и едногодишна родилка од Куманово на 27 октомври почина при породување на Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово. Основното јавно обвинителство од Куманово веќе шест недели го чека обдукцискиот извештај од Институтот за судска медицина во Скопје.
Кога го изгубила животот, родилката била во деветтиот месец од бременоста, а во болницата била примена откако дома ѝ почнало породувањето. Наредното попладне состојбата нагло ѝ се влошила и ненадејно починала. Ова ѝ била втора бременост.
Министерот за здравство Арбен Таравири за смрта на родилката не гледа проблем во институцијата со која раководи. Тој стои на ставот на комисијата којашто тврди дека не станува збор за лекарска грешка.
Сристијан Георгиевски којшто е адвокат на семејството на родилката има сосема спротивен став од оној на Министерот. Тој е убеден дека постои грешка при лекарската интервенција и најави продолжување на истражната постапка.
„Се повеќе сме убедени дека има пропуст при извршување на лекарската интервенција кај младата родилка. Не се согласувам со ставот на Министерот, мислам дека е многу рано да се излегува со заклучоци, во услови кога ги немаме сите медицински документи, вклучувајќи го обдукцискиот наод. Ние продолжуваме со истражната постапка, со прибирање на мислења и наоди од стручни лица од областа на неонатологијата и гинекологијата, за да докажеме како може трудница која не покажувала никакви знаци на патолошка бременоста или друга опасност по нејзиниот живот и животот на бебето, да заврши со трагичен крај“, вели Георгиевски, и додава дека мора да има одговорност за изгубениот живот.