Мојсоска: Незаконското градење во Струга продолжува – Правобранителите спијат
Постапувајќи по претходна пријава од страна на Левица, за којашто објави пратеничката Јована Мојсоска, овластен градежен инспектор при Општина Струга констатира дека објектот кај поранешниот клуб „Холивуд“ во самата струшка чаршија се гради незаконски и спротивно на Законот за градење.
По констатирањето на незаконската градба, Инспекторот издал решение за стопирање на градбата, а издаден е и рок за усогласување на објектот со законот за градење од градителот. Но наместо да сопрат градежните активности на објектот се работи за време на викенди.
За решавање на проблемот, за жал, се’ уште ништо не е преземено. Пратеничката Јована Мојсоска повторно се огласи на социјалните мрежи, таа вели дека државните институции кои се должни да интервенираат не преземаат ништо, а реакциите на граѓаните не се земаат во предвид.
Држава во која се гради непречено на државен имот (Правобранителите спијат) со констатирано незаконско градење од инспектор, во самиот центар на градот пред очите на сите надлежни – убедена е дека ќе стане членка на ЕУ со бугарите во Устав – напиша пратеничката на социјалните мрежи.
Пратеничката од редовите на Левица побара Основното јавно обвинителство во Струга да поднесе барање до надлежниот суд за изрекување на следните привремени мерки: Привремено запирање на градежните активности, отстранување на бесправно изградените објекти како и забрана за понатамошно градење.
„Согласно со Член 202 од Законот за кривична постапка, судот може, по барање на јавниот обвинител, да изрече привремени мерки за одземање на имот или предмети кои потекнуваат од извршување на кривично дело, или да преземе други неопходни мерки за да се спречи користењето, отуѓувањето или располагањето со тој имот или предмети. Во овој случај, барам да се изречат привремени мерки за запирање на понатамошното бесправно градење на КП.бр. 1604 за КО Струга, а согласно Записник за констатација ИПбр.26-261 од 17.10.2024 и Решение ИП1бр. 26-261 од 22.10.2024 издадени од овластен градежен инспектор при Општина Струга“, вели Мојсоска.
Според неа, привремените мерки се неопходни за да се спречи понатамошно извршување на кривичното дело и да се заштити јавниот интерес, како и да се спречи можноста за понатамошно оштетување на урбанистичкиот план и нарушување на јавниот ред и мир.