Вредно археолошко откритие од 6-ти век пред нашата ера откриено во струшко Корошишта
Две гробници од архајскиот период од 6-ти век пред нашата ера, со 80-тина разни други предмети е откриена кај струшкото село Корошишта. Откритието е епохално, велат археолозите по големината на гробницата, која по многу нешта ја надминува Требенишката некропола и карактерот на наодите. Откритијата го осветлуваат велат животот на цивилизациите кои оставиле траги од минатото. Во некрополата од архајскиот период која наликува на познатата Требенишка некропола откриени се 80 наоди,во двете гробници кои се претпоставува дека биле на маж и жена кои припаѓале на елитата пронајдени е голем број златен накит ,златен надградник ,дел од златна рака,златни прстени.
„Вакви наоди се откриваат еднаш во векот и ние ги нарекуваме епохални откритија. Ова одекна како археолошка бомба не само во Македонија, туку и во регионот. Ова е историја. Како што беше историја 1918 и 1932 година, откривањето на Требеништа, така е и историја 2024 година, откривањето кај Корошишта“, вели Перо Арџанлиев, археолог и раководител на проектот за истражување.
„Има многу повредни предмети од златната маска. Овој надградник, дел од златната рака, златните прстени и други останати наоди, покажуваат дека покојникот кој е погребан таму и гробната архитектура е импозантна. Станува збор за седум метри должина, 4.5 метри ширина на гробницата, која ги надминува сите познати архајски некрополи на Балканот. Дното на гробницата е на пет метри длабочина“, додава тој.
„Наодите се прекрасни, ние се восхитуваме. Меѓутоа контекстот е важен, зошто така го погребале, зошто му ставале такви дарови? Тоа покажува дека покојникот припаѓал на елитата, на елитата која владеела со овој простор, а во 6-ти век пне, Енхелеите биле распространети околу Охридското Езеро. После 6-ти век пред наша ера, ние сме првите, кои го видовме ова пред нас“, вели археолог Перо Арџанлиев.
Станува збор за голем научно истражувачки успех кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на Македонија туку претствува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.Според археолозите, локалитетот е соодветно обезбеден и заштитен.
Целата приказна започнала во 2020 година кога жител од Корошишта при извршување на земјоделски работи во сопствената нива открива бронзен шлем, а потоа во 2023 тимот од архелошки музеј Скопје добива согласност за вршење археолошки истражувања. Вредните археолошки наоди ќе бидат конзервирани во Завод и Музеј и презентирани пред јавноста, а истражувањата на истиот простор ќе продолжат и во иднина.