АктуелноЛокално

Изложба „Пикасо можеби јас 2“ на Филип Фидановски во Музеј на Град Скопје

Во Музејот на Град Скопје вечерва ќе биде отворена изложба на керамики од уметникот Филип Фидановски, насловена „Пикасо можеби јас 2“. На изложбата ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан.

Како што е најавено, изложбата ќе ја отвори амбасадорот на Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.

-Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо, инспирира творештво од нашиот македонски уметник кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници, напишал амбасадорот во каталогот за изложбата.

Според кураторот на изложбата, проф. Д-р Кирил Пенушлиски, „Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна.

-Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо, заклучува Пенушлиски во текстот во каталогот.

Филип Фидановски во 1996 година завршува Средно уметничко училиште завршува во Скопје (1996) во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров.

Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални здруженија. Денес живее и работи во Скопје.