Убиецот на Хаџи Димов, Черноземски слепо орудие на крвникот на Македонците – Ванчо Михајлов
Јасно е дека српскиот крал Александар Караџорџевиќ бил душман на Македонците, но да го славиш Владо Черноземски, кој е убиец на големиот Македонец Димо Хаџи Димов, е исто како да го славиш менторот на Черноземски – крвникот Ванчо Михајлов.
Владо Черноземски не бил од Штип како што се пее во една песна, но не бил ни Бугарин по националност.
Родителите на Черноземски – Димитар Керин и Риса Балтаџиева се Македонци од Разлог, Пиринска Македонија, кои се преселиле во селото Каменица, близу Велинград, Бугарија, каде што се родил Черноземски.
Кај Черноземски имало македонско национално чувство, затоа и го земал презимето Черноземски како синоним за страдањето на Македонија, но за жал тој дозволил да биде слепо орудие во рацете на крвникот Ванчо Михајлов и ликвидирал еден таков македонски великан, каков што бил Хаџи Димов.
Всушност и најголемиот дел егзекутори на Михајлов, иако биле Македонци, не знаеле и не биле свесни за чии интереси всушност работи Михајлов и биле негови слепи орудија.
Најдобар доказ за тоа какви слепи орудија биле егзекуторите на Михајлов, е изјавата на штипјанецот Мирчо Кикиритков во судот во Софија, за убиството на еден друг штипјанец, големиот македонски револуционер Владислав -Славчо Ковачев, кого го убил од зад грб, пред неговата куќа и пред двете негови малолетни ќерки, кои излегле од дома за да го пречекаат татко им:
„ Јас не знаев во што се состои вината на убиениот од мене Ковачев, но верував во справедливоста на решенијата издавани од Организацијата… Ако ми наредеа да ги убијам и децата, ќе ги убиев и нив”, изјавил Кикиритков.