Веивеи: Мултиполарниот свет е победа, сè друго е загуба
Конференција за Кооперативен мултиполарен систем
Во организација на Центарот за глобални промени, истражувачка единица на Филозофскиот факултет (УКИМ) денеска и утре (3 и 4 октомври) во Скопје се одржува меѓународната научна конференција насловена „Кооперативен мултиполарен систем: во потрага по нов светски поредок“.
Првиот ден од конференцијата, што се одржува во хотелот Александар Палас, под водство на професорката Билјана Ванковска, помина во плодна дебата, т.е. излагања на врвни научни истражувачи од различни делови на светот: проф. Џанг Веивеи од Кина, проф. Радика Десаи од Канада, проф. Ричард Саква од Обединетото Кралство, д-р Јан Оберг од Транснационалната фондација за истражување на мирот. Учесниците на конференцијата беа поздравени и од амбасадорите на НР Кина и на Руската Федерација во Македонија , Чу Леи и Сергеј Баздникин.
Професорот Џанг Веивеи, кој го нарекуваат киниескиот Фукујама, декан на Кинескиот институт на Универитетот Фудан, ја претстави кинеската визија и пристап за мултиполарен свет, која ја претпочита меката моќ во меѓународните односи, наспроти исклучивоста и едностраноста на унилатералимот. Тој истакна дека пристапот на Кина во градењето на односите со другите држави во светот, и покрај фактот дека е голема светска сила, е насочен кон градење пријателства, мирно решавање на проблемите – со преговори и инвестиции во мирот, образованието, технолошкиот развој…
„Мултиполарниот свет е вин-вин (победник-победник) ситуација, секоја друга опција е луз-луз, сите се во загуба“, поентираше професорот Џанг Веивеи.
Професорката од Канада, Радика Десаи говореше на тема „Кризата на западниот империјализам: Можност за светското мнозинство“. Таа направи споредба меѓу мултилатерализмот наспроти империјалистичкиот супранационализам. Десаи вели дека тоа се спротивставени концепти со спротивставени принципи, при што економијата на супранационалистите е зависна од војни. Според неа империјализмот е „завршена приказна“ и не треба да се бара алтернатива на капитализмот, туку мнозинството од земјите кои се нарекуваат „остатокот од светот“ да се посветат на постигнување рамноправност во внатрешните и надворешните односи и да се трудат да биде попродуктивни.
Професорот Ричард Саква од Обединетото Кралство на првата панел-дискусија на конференцијата, ја изнесе својата дефиниција за мултиполаризмот како антихегемонистички концепт. Тој го нарече мултиполаризмот идеологија, која не е антизападна, туку постзападна. Актуелните релацации во геополитиката, ривалитетот меѓу концептите на мултиполарен уни(би)поларен свет ги дефинираше како период на „втора студена војна“.
Јан Оберг од Транснационалната фондација за истражување на мирот, добар познавач на односите и состојбите на Балканот, на почетокот на своето излагање ја искористи можноста да констатира дека Македонија е земја која најмногу страдала од концептот на западната политика, а како пример наведе само два момента од независноста на земјава: економската блокада од Грција во 90-те години од минатиот век и бегалската криза од Косово во 1999 година. Според професорот Оберг, униполарниот свет е концепт, а луѓе со тесен светоглед, додека мутиполаризмот е за луѓе со комплексна мисла. Но како предуслов за спроведување на каков било концепт, професорот Оберг смета дека главен предуслов е мирот.
„Она што се случува денес во светот не може да се објасни со здравата логика и со традиционалната политичка наука. Сите знаат што е војна, но секој има различна претстава за мирот. Мирот е покомплесна состојба за постигнување и одржување. Ако немаме мир и безбедност не можеме да постигнеме општетствен равој. Но приоритет мора да биде мирот. Безбедноста не може секогаш да создаде мир, а безбедни сме кога имаме мир“, порача професорот Јан Оберг.
Конференцијата продолжува утре со три панел-дискусии, во кои ќе учествуваат : Игор Радев, Клеменс Хучел, Отилија Софрон, Жидас Даскаловски, Дејан Маролов и Јованка Галева, Булент Сарпер Агир, Билјана Ванковска, Тони Милески, Константин Миноски и Антоанела Петковска, Адриан Вотерс, Јован Пејковски, Сања Јелисавац-Трошиќ, Митко Арнаудов, Данило Бабиќ, Онцел Сенцерман и Благица Сековска.
Тематските панели опфааќаат широк спектар на најургентни и најсериозни проблеми од областа на меѓународната безбедност, геополитиката и геоекономијата.
Во организацијата на конференцијата како помагач учествува и Матица на иселениците од Македонија.
Веста е превземена од mkd.mk