Левица поднесе амандман против бришењето на зборот „Македонски“ од Законот за шуми – власта го одби

На денешната собраниска Комисија, пратеничката од Левица – Јована Мојсоска поднесе Амандман на предлог – Законот за шуми, во кој е предвидено бришење на зборовите “Република Македонија” и “Македонски шуми”. Со овој амандман, Левица побара да не се врши бришење на термините “МАКЕДОНСКИ” од страна на Владата.

Пратеничката Мојсоска истакна дека предлагачот, односно министерот Цветан Трипуновски, има два основи по кои може да го прифати овој амандман и да остане “Република Македонија”. Првиот е политички основ и се однесува на неисполнување на преземените обврски од страна на Република Грција, со што целиот терет на обврските паѓа на грбот на Република Македонија.

Вториот основ на кој може да се повикаат ВМРО-ДПМНЕ е правен и истиот се дефинира во самиот Преспански договор. Мојсоска истакна дека Договорот предвидува политички преоден период, кој ќе се однесува на сите документи и материјали коишто се исклучиво за внатрешна употреба на Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне со отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. Мојсоска потенцира Република Македонија нема отворено ниту едно поглавје со ЕУ за власта да го брише терминот Република Македонија и Македонски шуми од сите законски акти.

И покрај истакнатите аргументи од Левица, министерот Трипуновски и пратениците на ДПМНЕ го одбија аманманот се вели во соопштението на партијата.