Промоција на книгата „Насекаде“ од епископ Дремвитски Давид (Нинов) во КИЦ

На 19 септември (четврток),со почеток од 19:19 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон 19:19 ќе се одржи промоција на книгата „Насекаде“ од епископ Дремвитски Давид (Нинов).

Книгата ќе ја промовираат Јанинка Невчева и Игор Радев.

Епископ Дремвитски Давид (Нинов) (автор), е роден на 27-ми Јули 1972 год., во Скопје. Пред заминувањето во манастир бил уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и работел во редакцијата за култура на националната телевизија. Објавил четири книги поезија; добитник е на наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска поетска книга и застапуван е, на повеќе јазици, во повеќе антологии поезија. Од манастирот покренува издавачка дејност и ја уредува периодиката „Успение“.

По неговото пристапување во автономната Охридска Архиепископија (11.01.2004 г.), се наоѓа под постојан прогон врз верска основа, спроведуван од страна на државните институции. За викарен Епископ стобиски е избран во 2006 год., но заради затворањето на Архиепископот охридски г.г. Јован, хиротонијата во епископски чин е извршена на 17-ти Јуни 2007 година. Во 2008 год., поставен е за Администратор струмички. Ја извршува функцијата прв секретар на Светиот Архиерејски Синод, уредник е на официјалната интернет страница на Православната Охридска Архиепископија, како и на „Соборност”, периодика на Архиепископијата. Завршил средно културолошко училиште во Скопје и студирал старогрчка и латинска филологија на Институтот за класични студии при скопскиот универзитет. Дипломирал теологија на Теолошкиот факултет при државниот Аристотелов универзитет во Солун, Грција. Магистрирал (MTheol) на истиот факултет при Аристотеловиот универзитет, на Одделот за догматика, историја на философија и икуменска теологија. Ги објавил книгите: „Логиум (обраќања на неделни и празнични евангелски теми)“, „Кон познанието (белешки од догматиката)“, „Човекот поет (збирка на преводи)“, „Секој крај, нов почеток (статии и колумни)“, „Времетворење (колумни)“, «Τέχνη και Αποκάλυψη». „Надвор од границите (размислувања за личноста и системот)“, и „Уметност и откровение“. Учествувал на меѓународни симпосиони и конференции. Преведува богословски текстови од грчки јазик.