Косовскиот премиер Курти решаваше равенка во школо и доби кец

Косовскиот премиер Аљбин Курти јавно им се извини на учениците што направил грешка при решавањето математичка задача.

„Ви благодарам за топлото добредојде во вашата нова училишна зграда. Но, морам да кажам дека ми е мило што сега веќе не сум ученик бидејќи немаше да добијам преодна оценка“, напиша Курти на „Фејсбук“. Курти се огласи откога видеото на кое не успева да ја реши задачата стана вирално на социјалните мрежи.

На видеото се гледа како премиерот на Косово лежерно решава математичка равенка на таблата за време на отворањето на новото училиште во Подуево, на североистокот на Косово. Откако Курти самоуверено ја заврши математичката равенка, сите во просторијата аплаудираа, а на тоа се вклучи и министерката за образование, Арберие Нагавци.

Меѓутоа, Курти дошол до погрешно решение, пишува „Политико“.

„Да размислував подолго за тоа, ќе сфатев дека точниот одговор е x=0, но во овој случај мислам дека немаше да имам храброст да ја земам кредата и да го напишам точното решение. Се извинувам, решението на таа равенка, како што знаете подобро од вашиот премиер, е x=0“, заклучи Курти.