Мециновиќ: Одбраната на Гаши е еклатантен пример за снобизам на отуѓена елита

Говор на пратеникот Амар Мециновиќ, по однос на интерпелацијата поднесена од Левица за спикерот Африм Гаши:

Јас би сакал да направам едно сиже, кое, всушност, ќе ги разгледа вашите аргументи. За тоа што денеска најмногу се фативме за етикетите кои вие ги расфрлавте: расисти, нацисти, неонацисти, национал-социјалисти, фашисти итн. – тоа не е само од оваа седница, тоа е ваш наратив со години кој не ви функционира со години.

Тоа што на вам ви пречи е тоа за што немате одговор! Прво, затоа што сте анахрони политичари. Второ, затоа што сте некомпетентни да одговорите на модерен популизам! Тогаш во бунило пробувате да се снајдете со други етикети, кои ќе ја донесат дебатата во ваша полза.

Од одбраната на Африм Гаши, до сите ваши излагања, сè што видовме е еден еклантантен пример на снобизам на отуѓена елита! Ова придонесува Левица да има успех! Не нешто друго. Затоа што вие со вашите постапки ни отварате врата за успех.

Овој снобизам гласачите го казнуваат, така што овој феномен на популистички партии, се вели дека е бунт на гласачите против естаблишментот, кои за да ја оправдаат својата перпетуална владејачка позиција, сметаат дека нивните редефинцијали, нивната моќ и нивните пари се добиени по заслуга. И тука лежи проблемот.

Вие сметате дека повредата на Уставот, повредата на политичката волја на граѓаните не е толку проблем. Затоа што вие, вашата партија, Африм Гаши, јас, ти, сме заслужиле да бидеме тука. Вие, навистина, верувате дека сте најспособните! И затоа работничката класа се чувствува маргинализирано во овој момент и затоа дава сè повеќе поддршка на популистички движења!