АктуелноЛокално

Претседателкатаќе го потпише Законот за урбанистичко планирање

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова најави дека ќе го потпише указот за прогласување на  измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието, но го повика ресорниот министер веднаш да почне со работа за подготовка на нов закон со учество на невладиниот сектор и опозицијата со цел, како што рече, да се решат проблемите со хаосот во урбанизмот.

Единствени против овој закон истапија пратениците на Левица кои побараа да биде тргнат од дневен ред и истиот да биде поднесен по широка јавна расправа и земање на белешките кои ги даде стручната фела и експертите од оваа област.

На новинарско прашање  по повикот од граѓанските организации да не го потпишува указот, Сиљановска Давкова изјави дека министерот за транспорт Александар Николоски и ги образложил причините за законските измени и кажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти. Нагласи дека зад законот има 64 пратеници,  а се осврна и на текот на расправата за законот во матичната собраниска комисија и на пленарната седница, неподнесените амандамни и отсуството на дискусија.

И во кампањата и во мојот инаугуративен говор реков дека ќе посегам  по ветото, дека претходно ќе разговарам и со предлагачите и со пратениците. Разговарав со предлагачот, барав да ми ги образложи  причините за скратната постапка, ми ги образложи, ги знаете причините. Вели дека е невозможно да се реализира помошта на општините доколку нема можност клучните објекти како училишта, градинки, гаражи, да се реалиизраат доколку не може да се префрлат средствата. Ми ги објасни овие измени како привремени или преодни. Рече дека е  подоготвен веднаш да формира широка комисија од хетероген состав, вклучувајќи ги невладините организации во неа, изјави Сиљановска Давкова.

Таа посочи дека секојдневно добива  укажувања и од невладиниот сектор и поосчи дека секогаш ќе бара да се третира као партнер.

Она што мене ме загрижува е следното. Значи, скратена беше постапката но исто така беа поканети како што можев да видам и релевантни претставници на невладиниот сектор за донесувањето на овој закон. Да бидам искрена јас сум за инклузивен модел и секогаш ќе барам да се почитува мислењето на невладиниот сектор и да се третира како партнер. Да не заборавиме дека законите ги носат пратениците, но она што мене ме збуни во случајов со овој зкаон е дека не видов ниту една дискусија на комисијата и на пленарната седница од пратениците од опозицијата.

Очекувала да има амандамни, бидејќи, како што рече, секогаш невладините помагале со амандманите, но сега не биле поднесени.

Јас и да го вратам законот, зад него има 64 пратеници, треба да има апсолутно мнозинство од 61 за да го потпишам. Ако немаше дискусии, ако немаше гласање против тогаш мислам дека ќе се повтори оваа ситуација. И затоа заклучувам, ќе го потпишам законот, мислам дека тоа треба да се направи денеска или утре,  изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Го повика министерот за транспорт да ја почне работата за новиот закон и како што рече, да го решиме проблемот системски бидејќи сите знаеме дека законот не е добар

Соочени сме со хаос во урбанизмот, сите го гледаме тоа, мора да ставиме крај, тоа мора да го направиме, тоа мора да биде во редовна постака, исто така со учество на опозицијата и на невладиниот сектор, посочи  Сиљановска Давкова.

Собранието ги изгласа законските измени на 13. месецов, откако претходно во истиот ден добија поддршка во матичната собраниска комисија,  без амандмани и без дискусија од пратениците. Забелешки  изнесоа претставници на О2 иницијативата, кои заедно со повеќе други невладини организации вчера апелираа претседателката да не го потпишува Указот за Законот.

Според граѓанските организации, со измените на Законот за урбанистичко планирање ќе се носат застарени ДУП-ови чии параметри и мерења нема да одговараат на реалноста и ќе се уништува јавен простор. Наспроти нив, власта тврди дека главна причина за измените е поедноставување на процедурите за реализација на објектите што ги планираат општините со средствата што ќе ги добијат од пакетот средства обезбедени со ребалансот на Буџетот.