Современа словачка уметност ќе биде претставена со изложбата „Траги од два света“ во галеријата на ФЛУ
Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вечерва (15 август), со почеток од 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Траги од два света“ (хартија – цртеж – графика и нејзините преклопувања).
Изложбата „Траги од два света“ претставува ексклузивна колекција на дела од современи словачки уметници, со фокус на цртежот и графиката и нивните преклопувања со други уметнички дисциплини. Оваа изложба е дел од проектот „Словачки уметнички патишта 2024“, кој има за цел да ја претстави словачката визуелна уметност на меѓународната сцена и да ги поврзе уметниците со меѓународни мрежи.
Изложбата промовира меѓукултурна соработка и поттикнува дискусии за важни социјални и еколошки прашања, а посетителите ќе имаат можност да ги откријат динамичните и иновативни пристапи на словачките уметници кон современата визуелна уметност.
Куратори на проектот се Бранискав Зурко и Адам Мачко, продуцент е „pointA o.z. Slovakia“, а копродукцијата е на ФЛУ при УКИМ – Скопје. Партнери на проектот се Галерија „Кониарен“, Словачкото здружение за уметност и култура, Академијата на уметности во Банска Бистрица од Словачка. Проектот е поддржан со јавни средства од Словачкиот уметнички совет како главен партнер.
На изложбата се претставени дела на повеќе автори, како Игор Бенча, Луција Фабова, Марек Халаш, Адам Мачко, Роберт Макар, Матуш Мататко, Ева Мофларова, Јулијана Мрвова, Станислав Пјатрик, Владимира Вајс Савканичова, Дениса Славковска, Патрик Шевчик, Петер Валиска-Тимечко, Владимир Вајс.
Проектот е поделен на три дела: колективна изложба со наслов „Траги од два света“, перформанси со наслов „Матрицата како ринг“ и „Корео_графика“ и придружни настани (презентации, предавања, тури со водич, разговори со уметници и работилници), што ќе се одржат на 15 и 16 август, а изложбата ќе биде поставена до 30 септември оваа година.
Колективната изложба „Траги од два света“ нуди можност за меѓународна презентација на словачките визуелни уметности. Промовира меѓукултурна соработка и стимулира дискусии за важни социјални и еколошки прашања. На овој начин, таа се стреми не само да развие уметнички авторски програми, туку и да придонесе за решавање на глобалните предизвици преку уметноста.