АктуелноЛокално

Левица: Албанска академија за науките како дел од проектот за федерализација

Трендот на создавање паралелни национални институции со што дополнително се урнисува унитарниот карактер на Република Македонија, продолжува во исто темпо и со новата власт предводена од ДПМНЕ. Имено, новиот партнер на ДПМНЕ во власта, ВРЕДИ, наместо да донесе нови, прогресивни идеи (ослободени од етно-трибализмот), повторно демонстрира дека нивното практикување власт, по над дваесетте години на ДУИ, не значи промена – туку замена, велат од Левица.

„Во ниту една унитарна држава НЕ постојат две паралелни научни академии, затоа што науката не може да биде заробена од етнички концепти. Ваквите етно-шовинистички барања на ВРЕДИ единствено ја продлабочуваат веќе длабоко наметната бинационална држава и дополнително водат кон федерализација!

Додека партнерите од власта ДПМНЕ и ЗНАМ се “изненадени” од ваквите изблици, потсетуваме дека токму Билал Касами од ВРЕДИ отворено ги има промовирано своите великоалбански претензии, па дури и изјавуваше дека Македонија (после Косово) ќе стане трета албанска држава.

Наместо поништување на штетните политики кои длабоко го дезинтегрираа македонското општество и доведоа до негова либанизација, јасно е дека и новата владејачка гарнитура нема капацитет, ниту пак политичка волја за враќање на унитарноста на македонската држава“, се вели во соопштението на Левица.