АктуелноЛокално

Фалејќи го Мицкоски заборавија на замениците министри

Мицкоски се пофали дека Владата почнала фуриозно и бескомпромисно, а на замениците министри им порача да работат совесно и да не ги разочараат граѓаните

Без образложение за критериумите, капацитетите и перформансите на предложените заменици министри, а со пофалби за сработеното на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата во изминатиот еден месец од владеењето се одвиваше собраниската седница за избор на вториот владин ешалон.

Мицкоски не кажа зошто токму тие кадри се предложени за заменици министри, само рече дека треба да им се даде шанса и дека како млади и амбициозни луѓе ќе внесат динамика во работењето на Владата. Но, затоа Мицкоски се пофали дека Владата почнала фуриозно и бескомпромисно, а на замениците министри им порача да работат совесно и да не ги разочараат граѓаните. Впечатливо е дека 80 отсто од пријавените за збор се пратеници од власта, по неа од опозициската Левица, па потоа пратениците на СДСМ.

Пратениците на Левица се најактивни и во репликите, додека пратениците на ДУИ не издржаа и реплицираа на забелешката што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно ја истакнуваат, а се однесува на познатата изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети – како досега.

Пратеникот Даниел Стојчевски од ЗНАМ рече дека 34 години се менуваат влади и секоја следна била полоша од претходната и дека затоа денес оваа власт има историска можност да стави крај на таквата практика, да зачекорат на европскиот пат но тоа да го сторат достоинствено.
Амар Мециновиќ од Левица реплицираше дека е точно констатацијата на Стојчевски дека во
континуитет сите влади биле само полоши.

– Ова влада дали ќе се врзе во континуитетот на продлабочување на мизеријата ќе видиме, но во оваа влада има претставници од сите влади досега од Георгиевски, Груевски, Црвенковски, Заев, има расипани елементи од сите претходни владеења – рече Мециновиќ.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ ја испофали доскорешната колешка Ане Лашковска и смета дека ќе биде добра заменичка министерка зашто пред сѐ е патриот, си ја сака државата, дека е вредна, посветена и дисциплинирана и дека верува оти програмските определби на Владата ќе и бидат прв приоритет. Ласковска се радува и дека има пет заменички министерки за разлика од Владата каде жените се помалку застапени. На замениците министри им порача да не влезат во филм, да не ги заборават телефоните и особено да не се дрзнат да не им креваат на пратениците бидејќи и тие и министрите се слуги на народот и дека се избрани од пратениците.

Реџеп Исмаил од Левица рече дека не е фер да не ги коментираат кадровските решенија. Тој праша дали треба да се даде шанса на луѓе кои и претходно биле на функции. Тој рече дека заменичката за одбрана претходно била директорка во Македонски пошти која е во колапс, Неждет Мустафа 20 години е во власт, а најмалку е направено за Ромите, дека Зоран Димитовски кој е предлог за заменик министер во МНР освен дека бил пропагатор за промена на името е докажан „сороспија“. Љуљзим Алиу веќе бил заменик министер за образование, а дека за заменик во култура предлагаат теолог. Според Исмаил, замениците министри немата никава улога освен партиите да го ухлебат вториот ешалон и дека се создава паралелни структури во извршната власт.

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ по датуми раскажа што правела Владата во првиот месец од владеењето и ги испофали предлозите за заменици од ВМРО-ДПМНЕ. Повторно најмногу пофалби доби Лашкоска, но и Ѓоко Велковски, а Марјан Ристески пак, според неа бил најуспешниот грдаоначалник. На предлозите за заменици од ЗНАМ и од Вреди рече дека не ги познава, но им посака упешна работа во ресорите.
На Стојнаовска и реплицираше Јована Мојсовска од Левица.

-На почетокот од вашето излагање се чувствував како да сме на 100 дена влада. Не слушавме за критериумите и квалитетот на кадрите кои пак се кадри од бранковизмот, груевизмот и не сметам дека ови ќе воведат нови политики. Лашкоска како пратеничка остана запаметена дека користеше двојни привилегии и стан и патни трошоци. Се фалите дека ДУИ ја испративте во опозиција, но и по 30 години никој Павле Трајанов не може да го испрати во опозиција – рече Мојсовска.

За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага економистката Елфет Исмаили, за внатрешни работи Астрит Исеини, кој завршил Факултет за физичко образование, за правда правникот Ален Деребан, за односи со заедници Неждeт Мустафа, професор по филозофија.  За заменик на министерот во Министерството за надворешни работи Зоран Димитровски, магистер на политички науки, за европски прашања економистката Викторија Трајков, за финансии економистот Николче Јанкуловски. За економија и труд се предлага економистот Марјан Ристески, за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, за земјоделство, шумарство и водостопанство професорот по политички науки Флакрон Беџети, за здравство економистот Јовица Андовски, за образование и наука Лулзим Алиу.  За заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага економистот Ѓоко Велковски, за локална самоуправа Ерџан Селими магистер по политички науки, за култура и туризам е предложен теологот Седат Сулејмани, за дигитална трансформација економистот Радослав Настасијевиќ Варџиски, за јавна администрација правникот Лазе Јаќимоски, за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, за животна средина и просторно планирање се предлага Ане Лашкоска, за спорт Сафије Садики Шаини инженер по информатика.

Текстот е делумно превземен од Слободен Пачат