Палењето на знамето во Куманово: Етнички тензии и политички манипулации

Интервју со Кристијан Димков – координатор на Секторот за политички систем при Левица

Антропол: Кој е вашиот став за палењето на државното знаме на Република Македонија во Куманово и како го оценувате овој чин?

К.Д: Палењето на знамето на Републиката покрај тоа што претставува кривично дело казниво со закон истовремено претставува и најголем показател за непочитување на државата и искажување на омраза кон неа. Во конкретнава ситуација, покрај тоа што беше запалено знамето, истовремено секаде околу со спреј исцртани беа симболот и името на терористичката УЧК со што ситуацијата станува многу полоша. Според мене овој акт можеби претставува и манифестација на заканите кои доаѓаат од страна на необалистичките политички партии во државава, кои секогаш кога не се согласуваат со нешто отворено се закануваат со „меѓуетнички тензии“ играјќи на стравот кај етничките македонци (и албанци) дека повторно ќе се сличи 2001ва и ќе избие граѓанска војна, ова е особено амплифицирано особено бидејќи сме во ситуација на политичка замена во т.н албански блок (ДУИ за ДУИ 2).

Антропол: Во реакција од страна на секторот за политички систем на Левица споменувате дека ова е последица на политиките на одредени партии. Можете ли да објасните како нивните активности и реторика доведуваат до вакви инциденти?

К.Д: Кога континуирано во изминатите децении јавноста гледа како видни политичари од т.н албански блок, отворено не ја почитуваат македонската држава (од која, впрочем и го стекнале своето богатство) и се залагаат за сецесионизам и создавање на друга држава, кога отворено не ги почитуваат инсигниите на македонската држава (знамето, грбот и химната), отворено не го почитуваат Уставот како највисок правен акт во една држава и слично, а во меѓувреме не се соочуваат со никакви санкции од страна на државата, напротив, повторно се високи функционери во државата, лесно е да се замисли каков домино ефект би можело да имаат овие акции. Јас одбивам да верувам дека мултимилионерите Али Ахмети, Артан Груби, Билал Касами и Африм Гаши се вистински политички претставници на албанскиот етникум и дека го застапуваат интересот на мнозинството граѓани, како што Христијан Мицковски и Димитар Ковачевски не се вистински политички претставници на македонскиот етникум и не ги застапуваат интересите на мнозинството граѓани. Тоа што останува како опција за надминување на овој круг на необализам и етнотрибализам е етничките албанци да се организираат во автентична левичарска партија основана на АСНОМски идеали, или пак да се придружат во Левица каде што вратите им се отворени.

Антропол: Кои конкретни мерки би предложиле од Левица за да се спречат ваквите акти на вандализам и непочитување на државните симболи во иднина?

К.Д: Политичката партија Левица во својата програма предвидува формирање на Државен инспекторат за инсигнии кои ќе има една и единствена задача, спроведување на Законот за употреба на Знамето, Грбот и Химната на Републиката, односно државните инсигнии каде што е кристално јасно објаснето кога и како смеат да се користат државните инсигнии, и кои глоби се предвидени за прекршување на законските норми. Во моментов надлежна институција за спроведување на овој закон е Министерството за Внатрешни Работи кое евидентно дека покрај огромниот број на вработени ниту има желба ниту капацитет да го спроведува Законот за употреба на Знамето, Грбот и Химната и затоа сметаме дека е потребно создавање на посебен инспекторат кој ќе се занимава исклучиво со државните инсигнии.

Антропол: Каков е вашиот став кон промените на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кои Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се раслојува во три посебни институции?

К.Д: Сведоци бевме како владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ заедно со ЗНАМ, ДУИ и ВРЕДИ во два часот по полноќ го променија државниот апарат и бројот на министерства од 16 прераснаа на 20. Во овие „промени“ поранешното министерство за политички системи односи меѓу заедниците, попознато како министерство на Артан Груби се претвара во три различни институции, имено Министерство за односи меѓу заедниците, Министерство без ресор за интеграција на Роми и Вицепремиер за политички систем.
Ова според мене претставува само козметичка промена и хиперинфлација на министерства и институции кои за главна цел го имаат вработувањето на што е можно повеќе партиски кадри во државниот апарат и со тоа целосно картелизирајќи го истиот, ставајќи го во функција на партијата која вработува а не на граѓаните.
Втора цел на оваа реконструкција според мене е процентуално зголемување на бројот на министерства со кои раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ наспроти кадри на ВРЕДИ и ЗНАМ, создавајќи слика кај својот „патриотски настроен“ електорат дека „еве, малку им дадовме на албанците“, што всушност е и најголем показател за фрагментираноста и сегрегираноста на македонското општество во кое ние сите живееме.  Во однос на функционалноста, претходното „Министерство на Артан Груби“ беше пар екселанс пример за неказнивоста на ДУИ и институција која постои исклучиво за вработување на партиски кадри, до тој степен што ние како Сектор политички систем при политичката партија Левица, како своевидно „Министерство во сенка“ не успеавме да дознаеме која е вистинската бројка на луѓе вработени во Министерството, односно спротивно на Законот за информации од јавен карактер, Министерството одбиваше да ја објави оваа информација, нешто за што беа известени сите, и државни органи, и правобранители и „стратешки партнери“ и релевантни локални и меѓународни невладини организации но евидентно, не беа загрижени за тоа што фантомски работници го јадат лебот на граѓаните. 

Антропол: Очекувате ли конечно промена во функционирањето на новите институции кои ќе произлезат со оглед на тоа што ќе се појават и нови кадри?

К.Д : Немам оптимистички очекувања од новите министерства и институции, но сепак, да видиме што ќе направат, а ние секако ќе бидеме тука да ја следиме нивната работа, или отсуството од неа.