„Македонска мисла“ самостојна изложба на Славица Танеска
Во рамките на проектот „Цртај на македонски“ ликовната уметница м-р Славица Танеска вечерва во галеријата „Ко-Ра” – мал салон, во Домот на културата „Кочо Рацин“воСкопје, со почетокот во 20 часот, ќе ја отвори нејзината деветта самостојна изложба насловена како „Македонска мисла“.
Самиот проект, го афирмира македонскиот јазик и кириличното писмо преку ликовната уметност и дизајнот. Вусшност станува збор за типографски дизајни во кој се вметнуваат и илустрации. Текстовите се македонски народни мудрости кои се аплицирани на парчиња облека, бидејќи како што ја носиме облеката на нас, така ги носиме и традицијата и македонските мисли во нас.
Во своите проекти м-р Славица Танеска во континуитет е посветена на афирмацијата на традицијата, а овој проект е поразличен во тоа што навлегува во сферата на применетата уметност и дизајнот.
„Во денешното време има многу парчиња на облека со написи на неа, но редок е случајот тоа да е со кирилично писмо и на македонски јазик. Преку овие дизајни ќе се доближи македонскиот јазик до младите, тинејџерите и сите оние кои ги следат модните трендови, со тоа што ќе им се понуди нешто уникатно и ново од страна на дизајнот и презентацијата, а старо и изворно во суштина – народни мудрости. Во поставката на изложбата се вклучуваат и група на студенти од Факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет каде што м-р Славица Танеска е асистент по предметите од ликовна уметност и дизајн. На тој начин проектот има и едукативна вредност“, посочуваат организаторите на изложбата.
На оваа самостојна изложба на м-р Славица Танеска ќе бидат претставени 20-тина дела. А според изјавата на уметницата овој проект има повеќе цели едновремено: „пред се рециклирање на старата облека и облагородување со етно елементи со натписи на облеката со македонски народни пораки“.