Лицемерието на ЕУ: Против Кина во политиката, но со кинески пари во спортот
Лицемерието на ЕУ: Против Кина во политиката, но со кинески пари во спортот – Мaкедонскиот политичар слепо следи наредби од Брисел и западот
Македонскиот политичар отсекогаш имал поголема способност „подалеку да плукне“, а помала способност „подалеку да погледне.”
Лицемерието во односите помеѓу Европа и Кина станува особено очигледно кога ќе се разгледаат инструкциите кои Европската Унија (ЕУ) ги дава на земјите како Македонија.
Од една страна, ЕУ нѐ охрабрува, односно директно нѐ притиска да ги ограничиме (читај, анулираме) своите економски и политички врски со Кина. Ова вклучува избегнување на кинески инвестиции и проекти за инфраструктура, како и предупредувања за потенцијални безбедносни ризици од соработка со кинески компании.
Од друга страна, истите тие европски земји кои даваат вакви насоки дозволуваат значајна кинеска присутност во своите економии и културни настани. На пример, кинеските корпорации како Hisense, OPPO, Vivo, BYD и Alipay се меѓу главните спонзори на Европското првенство во фудбал, што е еден од најголемите спортски настани во Европа. Оваа ситуација покажува дека додека Европската Унија официјално одржува тврда линија против Кина, во пракса продолжува да ги прифаќа и дури охрабрува кинеските инвестиции и спонзорства кога е во нивен интерес.
Ова лицемерие има негативни последици за Македонија и обичниот човек. Притисокот од ЕУ да ги избегнуваме кинеските инвестиции и соработка значи дека губиме дебело потенцијални економски придобивки кои би можеле да ги добиеме од кинеските проекти. Во исто време, нашата земја мора да се справува со ограничени ресурси и финансии, додека ги гледа европските земји како ги прифаќаат кинеските пари без двоумење.
Оваа двојна игра полека, но сугурно создава фрустрација кај обичниот граѓанин на Македонија. Земјата е во ситуација каде што мора да балансира меѓу исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ и остварувањето на своите економски интереси. Доколку ЕУ очекува Македонија да ги следи нивните политички директиви, тогаш е разумно да се очекува и ЕУ да покаже конзистентност во своите политики и практики.
Во крајна линија, оваа ситуација ја поткопува веродостојноста на ЕУ и ја става Македонија во неповолна положба.
ЕУ некако можам да ја сфатам си имаат свои интереси да нѐ дриблаат, но никако не можам да го сфатам македонскиот политичар кој се прави слеп при очи и глув при уши…
———
Пишува: Томе Караџоски, дописник за Антропол од Н.Р. Кина