Бугарите нема да ја ревидираат преговарачката рамка
„Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности“, вели бугарскиот претседател во контекст на вчерашната инаугурација на новата претседателка Силјановска-Давкова и завршувањето на изборната кампања
-Република Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и други меѓународни договори кои Република Северна Македонија ги има потпишано, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Изјавата на бугарскиот претседател е дадена во контекст на завршувањето на изборна кампања во државата, но и како реакција на вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која давајќи свечена изјава во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.
„Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности“, вели Радев.
Радев дополнува дека европската перспектива на РСМ зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори од кои земјата е дел, како и од Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во 2022 година.
„За информација на одговорните институции во РСМ, таа нема да биде ревидирана“, вели Радев.