АктуелноЛокалноНастани

Левица: Нека е честит и вековен денот на победата над фашизмот – слава на хероите

Денеска во светот се одбележува Денот на победата над фашизмот. Со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, на 9 мај 1945 година беше ставен крај на Втората светска војна, порачаа од Левица.

По повод овој празник, делегација на Левица предводена од потпретседателот на партијата, Реџеп Исмаил-Хактан, заедно со уште двајцата наши соборци, членот на Президиумот, Александар Симонов и Катерина Јовановска, како членот на Централниот комитет, положија цвеќе пред спомен-обележјето кое, по иницијатива на Руската Федерација, во 2020 година беше подигнато во Скопје, на улица „9 Мај“, токму во чест на Денот на победата над фашизмот. Свеченоста и оваа година беше организирана од страна на амбасадата на Руската Федерација во Скопје.

Македонија за време на Втората светска војна беше дел од антифашистичката коалиција. Темелите на македонската државност се резултат на борбата на нашиот народ против крвавиот фашизам. Тоа е резултат на херојската народноослободителна борба против фашистичките окупатори, меѓу кои беше и токму бугарската држава како и балистичките орди како соработници на фашистичкиот окупатор.

Учеството во вооруженото востание во Народноослободителната борба беше револуционерен и патриотски чин на Македонските партизани. Од Народноослободителната војна израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава. На Првото заседание на АСНОМ, се случи и вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода.

Антифашизмот останува траен наш аманет за чување и натамошно унапредување на историските придобивки и вредности на Народноослободителната и антифашистичка војна.

Нека е честит и вековен денот и вечна славата на паднатите херои;

Еднаш победивме фашисти ќе победиме пак!