АктуелноИнтернационалноНастани

Њујоршката полиција уапси 48 пропалестински студенти од Универзитетот Колумбија

Голем број њујоршки полицајци влегоа во вторникот вечерта на Универзитетот Колумбија и приведоа најмалку 48 пропалестински демонстранти, неколку часа откако градоначалникот на Њујорк рече дека студентскиот протест што ја парализира образовната институција веќе две недели „мора веднаш да заврши. “

Полицијата упадна на Универзитетот Колумбија веднаш по 21 часот, неколку часа откако демонстрантите ја окупираа Хамилтон Хол, административната зграда на универзитетот, ескалирајќи го речиси двонеделниот протест.

Полицијата соопшти дека демонстрантите ги забарикадирале ходниците со машини за сокови, столици и друг мебел.

Кога полицијата влегуваше на Универзитетот Колумбија, студентите пред кампусот извикуваа „Срам, срам“ и „слободна Палестина“, а недолго потоа, полицајците почнаа да ги спроведат демонстрантите со лисици до полициските возила.

Полицијата уапсила најмалку 48 лица, а околу кампусот биле распоредени голем број полициски и возила на брза помош.

Според полицијата, биле употребени шок бомби за дезориентација на демонстрантите, но не бил употребен солзавец.

Демонстрантите на универзитетите бараат прекин на огнот во Газа, прекин на соработката со израелските компании и амнестија на приведените студенти.

Повеќе од 1.000 демонстранти се уапсени во текот на изминатите две недели во кампусите во Тексас, Јута, Вирџинија, Северна Каролина, Ново Мексико, Конектикат, Луизијана, Калифорнија и Њу Џерси, некои по судирите со полицијата.