Мециновиќ: Левица не може да прифати уставни измени
Амар Мециновиќ носителот на ИЕ 2 и портпарол на Левица порача дека подаваат рака за соработка, но под услов да не се потпишат уставните измени, со што ќе се спречи внесување на Бугарите во Уставот. Во однос на резултатите од првиот претседателки круг но и очекувањата за парламентарните избори, тој вели дека за партија како Левица, која трет пат е на парламентарни избори а прв пат на претседателски успехот е неверојатен.
-Успеавме да собереме 10.000 потписи за кандидатка за претседател Билјана Ванковска и тоа се направи без уцени, без притисоци, без ветувања, туку беа 10.000 мотивирани граѓани, кои отидоа и го дадоа својот потпис најанонимно за да влеземе во оваа трка. Ова беше нашиот прв пат воопшто да се испробаме во тој ринг. Токму така се факторизиравме, всушност, како озбилна партија и затоа сме задоволни со нашиот настап. Нашите заложби во исто време секогаш беа и се парламентарните избори а граѓаните тоа го препознаваат во нашите напори низ годините да се демократизира Собранието – изјави Мециновиќ при гостувањето во утринската емисија на „Слободен печат“.
На новинарско прашање зошто Левица пред изборите не ја прифати подадената рака и мораториумот на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на македонско национално единство пред изборите, сличен чекор кој сега Левица го превзема, тој вели дека од тогаш состојбите на терен значително се сменети.
-Најпрво мораториумот на ВМРО-ДПМНЕ за ненапаѓање не ни одеше во насока само за да ја задоволиме нашата суета. Нас не ни треба некој да не нè напаѓа. Тоа е легитимна алатка во политичката борба. Нас во моментов ни треба национален консензус за националните прашања. Да потенцирам, ништо не се сменило во однос на реториката или пак политиката која Левица ја води во изборната кампања. Напротив, ние ги повикуваме сите партии да застанеме на овие црвени лини за одбрана на земјава. Во исто време морам да истакнам додека на членовите на ВМРО-ДПМНЕ преку тој мораториум пред изборите им течеше мед и млеко во говорите за меѓупартиско обединување, на терен не беше сè така – вели Мециновиќ.
Соговорникот во студиото во разговорот меѓудругото истакна дека Македонската платформа која Левица ја предложува содржи 5 точки: унитарност, територијален интегритет и суверенитет, идентитет, секуларност и строга контрола и надзор над правилната употреба на државните симболи (грбот, знамето и химната) од страна на државните органи, општините и приватните субјекти при сите прослави и манифестации.
Погледнете го целото интервју на Амар Мециновиќ за „Слободен печат“: