Интервју

Аврамоска: Моќта на жената работничка е во единството и организираната борба против дискриминација

Интервју за порталот на ДСП Ленка со Виолета Аврамоска, советничка во општина Охрид од редовите на Левица и кандидат за пратеник ИЕ 3

Кои се најголемите предизвици со кои се имате соочено првенствено како жена но и работничка и како ги имате надминато во текот на вашата политичка кариера?

В.А: Првенствено, најголемиот предизвик за мене како жена работничка, но и како самохрана мајка, беше кандидатурата за советник во Советот на Општина Охрид. За прв пат се случи една партија, Левица, да има кандидати кои потекнуваат директно од народот, работници, земјоделци, самохрани родители.

Во текот на моето работење како советник, секако дека се соочив со големи предизвици, со кои успевам да се справам со чесно и искрено работење.

Со оглед на тоа што јас сум единствен советник од Левица  и сум, можам слободно да кажам единствена опозиција во советот, за жал, единствено што можам да направам за моите сограѓани е да ги артикулирам нивните проблеми од говорницата.

Кои се главните предизвици со кои се соочуваат жените од работничката класа кои ги спречуваат да водат активен политички и општествен живот и кои мерки планирате да ги преземете како пратеничка за да се надминат? 

В.А: Сметам дека главните проблеми на жените припаднички на работничката класа да водат активен политички и општествен живот се првенствено предрасудите и традиционалната поделба на машки и женски професии, потоа стравот од етикетирање, а следствено на тоа и страв од губење на работното место.

Она што јас од позиција на пратеник би го презела е едукација на жените работнички во надминување на нивните стравови, развивање на свеста за моќта на жената работничка, развивање на свеста за нашата класна припадност. Жената работничка мора да сфати дека работникот кој произведува вредност ја има моќта во свои раце, а таа моќ може да ја покаже само преку единство и организирана борба против дискриминацијата.

Сметам дека после тридецениско владеење на естаблишментските партии време е во Собранието на Република Македонија да седнат повеќе припадници на работничката класа, земјоделци, кои најмногу можат да придонесат во решавање на проблемите на овие маргинализирани класни слоеви во општеството.

Советничка сте во советот на општина Охрид веќе речиси три години, и имате поднесено безброј иницијативи, на која иницијатива сте особено горда и дали сте наишле на соработка со советниците од другите политички партии? 

В.А: Да, во овој период во Советот на Општина Охрид сум поднесела многу иницијативи во насока на решавање на проблемите со кои се соочуваат охриѓани. Некои иницијативи беа одбиени со образложение некои без образложение. Иницијативата со која посебно сум горда беше прифатена едногласно од сите мои колеги во советот, а тоа беше иницијативата за отворање дневен центар за деца со церебрална парализа.

Кои мерки ги предвидува политичката партија Левица за да им помогне на една од најдискриминираните општествени слоеви – жените работнички?

В.А: Левица како единствена работничка и класно ориентирана партија има низа мерки во својата програма во насока на унапредување на работничките права на една од најдискриминираните општествени слоеви – жените работнички.

Би издвоила неколку :

  • Воведување на шестчасовен работен ден, односно намалување на 30 часовна работна недела наместо 40 часовна, без тоа да се одрази на платата
  • Намалување на старосната граница за одење во пензија на возраст од 60, наместо 62 години за жени
  • Посебна заштита на мајчинството кај жените работнички:
  • породилно отсуство од 18 месеци наместо досегашните 9
  • враќањето на работа по породилното отсуство да не биде порано од шест месеци
  • задолжително враќање на работа на истото работно место по завршувањето на породилното отсуство 
  • флексибилно работно време или скратено работно време без кратење на платата

Кои се вашите ставови за укинувањето на брзите кеш-кредити и забраната на коцкање во казина? Зошто сметате дека овие мерки се потребни за подобрување на економската ситуација?

В.А: Брзите кеш – кредити не се ништо друго туку остварување огромни профити на децата на олигарсите блиски до владејачките елити. Каматните стапки на кеш – кредитите се една обична лихва. Граѓаните измамени од својата тешка економска состојба посегнуваат по тие кеш – кредити и на крај изманипулирани завршуваат во лавиринтот на лихварите.

Во врска со казината, ја поддржувам заложбата на Левица за затворање на казината, кои во интерес на остварување на профити придонесоа за уништување дури и на цели семејства.

Неколку пати сум пишувала за казината во Охрид. Жалам што мојот Охрид од град на писменоста го претворија во град на коцкарници.

Уште еднаш апелирам промена на законот и затворање на казината.